Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) апелираат итно да се донесе Законот за амнестија – значаен за лицата од ранливите категории, кои се осудени за кривичните дела „Пренесување заразна болест“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
Во апелот се вели дека за време на пандемиската вонредна состојба, само во Скопје биле изречени бројни казни во висина од 1.000 и 2.000 евра, кои доколку не се подмират во рок од две години, се заменуваат со казна затвор.
„Здруженијата на граѓани кои обезбедуваат бесплатна правна помош во текот на својата работа нотираа голем број на случаи на граѓани особено лица во социјален ризик, самохрани мајки, лица со попреченост, бездомници кои се соочуваат со затворски казни поради немање на средства да ги платат паричните казни“, истакнуваат од Комитетот и МЗМП.
Тие додаваат дека според податоците, од почетокот на вонредната состојба до октомври 2022 година во Основниот кривичен суд Скопје имало 280 неплатени парични казни, кои биле заменети со казна затвор, а 205 осудени лица добиле упатни акти да издржуваат казна затвор.
Според Хелсиншки и МЗМП, бројот на лица на територијата на целата држава на кои паричните казни им биле заменети со ефективна казна затвор е многу поголем.
Тие додаваат дека голем дел од осудените лица не ги обжалиле пресудите од причина што не ги примиле или пак биле неуки во однос на нивното право да вложат приговор до надлежниот суд.
„Неплатените парични казни веќе се заменуваат со затворски казни, а тоа најмногу ги засега лицата во социјален ризик кои немаат доволно финансиски средства за да ги намират паричните казни. Практично тоа значи дека една неплатена парична казна од 2000 евра се заменува со 100 дена ефективна казна затвор“, се вели во апелот.
Оттука, додаваат од Хелсиншки и МЗМП, донесувањето на овој предлог закон иако е задоцнето, со оглед на тоа што голем број на лица веќе започнаа со издржување на својата казна затвор, а некои дури и ја издржаа, неговото донесување е неопходно и апелираме до Собранието тоа да го стори во најскор можен рок“, велат од Хелсиншкиот комитет и МЗМП.