Земјава е најуспешен пример од Западен Балкан во спроведување на младинските политики во рамки на Гаранцијата за млади, која овозможува младите лица до 29 години кои не се вработени, да се вклучат во некоја од активните програми за вработување.
Овој податок и македонското искуство во спроведувањето на Гаранцијата за млади беа презентирани пред надлежни претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, во рамки на конференција што се одржа во Скопје.
„С. Македонија е првата земја надвор од ЕУ која од 2018 година во континуитет успешно го спроведува проектот Гаранција за млади. Од воведувањето до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во Гаранцијата за млади. Речиси 40% од учесниците во проектот добија понуда за вработување, континуирано образование и обука, и беа вклучени во практикантство, што се смета за позитивен исход“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Земјава го започна спроведувањето на Гаранцијата за млади во 2018 година, најпрво како пилот-проект во неколку општини, а од 2020 година и на целата територија на земјата. Гаранцијата за млади од 2014 година е главната рамка на политики во земјите членки на ЕУ за вработување на младите.
Според податоците на Агенцијата за вработување на Македонија, во текот на 2022 година, бројот на млади лица до 29 години кои влегле во Гаранцијата за млади бил 20.185, а од нив 8.706 или 43% се вработиле или се стекнале со вештини преку обуки.