По 24-ти пат, Британскиот совет го распиша Меѓународниот конкурс за најдобра радиодрама, заедно со Светскиот сервис на BBC, Commonwealth Writers и копродуцентите од The Open University.
Конкурсот е отворен за сите граѓани кои не се жители на Велика Британија, а се бара радиодрама со времетраење од најмалку 53 минути. Предвидени се награди во две категории: првата е за драматурзи на кои мајчин јазик им е англискиот, а втората за автори кои го зборуваат англискиот како втор јазик. За да влезат во конкуренција, радиодрамите мора да бидат на англиски јазик, досега необјавени и непродуцирани на кој било медиум. Победникот ќе добие 2000 фунти и пат во Лондон, на снимањето на радиодрамата во студијата на BBC.
Дополнително, од оваа година ќе се доделува и специјалната награда наречена „Георги Марков“, за најперспективно сценарио. Низ целото времетраење на конкурсот, Светскиот сервис на BBC ќе им дава совети и сугестии преку етерот на авторите кои бараат инспирација. Истото ќе се случува и на Фејсбук и на Твитер, со хаштагот #BBCPlay.Повеќе детали за конкурсот може да се најдат на овој линк.