Различните претпоставки за потеклото на Ковид-19 беа фокусирани главно на две теории. Едната дека вирусот се пренел од животно на човек, а втората е дека потекнал од случаен пропуст во кинеска лабораторија за истражување во Вухан.
Ширењето на Ковид-19, кој е еден од заразните коронавируси кои се појавуваат, ги фати неподготвени здравствените власти низ светот на почетокот на 2020 година. Вирусот предизвика речиси 7 милиони смртни случаи глобално, а направи и огромни проблеми во трговијата и секојдневниот живот на милијарди луѓе.
Новите сознанија на Министерството за енергија на САД се противречни на ставовите на четири други разузнувачки агенции на САД, кои сметаат дека епидемијата започнала преку природна трансмисија од заразено животно. Две други разузнувачки агенции и понатаму немаат одлучено каков став да заземат по ова прашање.
Советникот за национална безбедност, Џејк Саливен, вчера призна дека во американското разузнавање постојат различни ставови околу ова прашање.
„Дел од разузнувачката заедница има донесено заклучок на една страна, додека други сметаат дека едноставно немаат доволно информации за да бидат сигурни во тоа. Во моментов нема дефинитивен одговор кој излегува од разузнувачката заедница по ова прашање“, објасни Саливен.
Тој истовремено уверува дека владата на претседателот Џо Бајден и понатаму ќе биде силно фокусирана да се открие што точно се случило во врска со потеклото на Ковид-19.
Кинеските власти претходно негираа дека вирусот можел да започне да се шири откако случајно протекол од нивни лаборатории.
Според првичниот разузнувачки извештај на САД од 2021 година, Ковид-19 започнал да се шири во градот Вухан во Кина најдоцна во ноември 2019 година, кога три истражувачи од Институтот за вирологија во Вухан, вклучени на истражувања на коронавируси, се разболеле и морале да побараат болничка нега.