„Фамилија“ е новата изложба на скулптури од Синиша Новески што ќе се отвори во четврток (2 март) од 19:00 часот во Салон Империјал 1, во Културно – информативниот центар – Скопје.
„Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите и во цртежите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти во кои е содржана човечката искра на благост и на присност, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или ‘изворна едноставност’“, пишува Владимир Величковски во најавата за изложбата.
Новески е академски скулптор и педагог. Досега имал 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија. Има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди како за сопствено уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти.
Изложбата „Фамилија“ ќе биде отворена до 14 март оваа година.