Премиерот Димитаер Ковачевски, истакна дека во иднина, ќе се размислува за регулирање на социјалните мрежи и нивното користење, со цел унапредување на општеството, одговарајќи на новинарско прашање при посета во Гостивар.
Премиерот дополни дека тоа би се одвивало во согласност со Стратегијата за дигитализација и Стратегијата за медиуми.
„Не зборувам за некои априори ограничувања, туку напротив, зборувам за регулирање коешто ќе овозможи нивна употреба со цел унапредување на општеството, а не да бидат користени за нешто што не сакаме да го имаме како последица во општеството“, додаде премиерот.
Новинарското прашање беше поставено во контекст на апликацијата ТикТок и безбедносните ризици на кои се изложуваат корисниците, откако викендов малолетничка го изгуби животот од струен удар.
„Во моментот кога настанаа пред скоро повеќе од 10 години, тие беа интересни за сите, меѓутоа уште тогаш експерти зборуваа дека ќе дојде момент кога социјалните медиуми, на начинот на којшто се креирани и функционираат, ќе бидат тешки за контрола, практично невозможни и дека ќе дојде момент кога ќе треба да се направи регулирање. Не зборувам за во една држава, туку регулирање во однос на целокупното нивно функционирање“, рече Ковачевски.
Новинарското прашање се однесуваше на безбедноста на ТикТок откако од Јавното обвинителство информираа дека викендов, во скопската населба Илинден, се случила несреќа во која животот го изгуби 14 годишно девојче.
„Првичните информации упатуваат на тоа дека несреќата се случила кога девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони, при што во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон. Со двете малолетни лица – сведоци на настанот е извршен разговор, местото е фотографирано и се работи на испитување на сите околности кои довеле до трагичниот настан“, истакнаа од Обвинителството.
Повеќе земји во светов започнаа да ја регулираат социјалната мрежа ТикТок, поради загриженост од протекување на податоци во Кина, матичната земја на популарната апликација. На почетокот од годинава САД ја забранија апликацијата на уредите во државна сопственост, додека Европската комисија им забрани на своите вработени да инсталираат ТикТок на сите уреди на кои имаат официјални службени апликации.
Европската комисија им забрани на вработените да користат ТикТок од безбедносни причини