Став: Студентите не смеат да бидат потиснати во една хиерархија која всадува молк и стагнација

Пишува:
Викторија Постоловска
Студентска правобранителка на УКИМ

Од голема важност е централниот став на овој текст да се изведе уште на самиот почеток, а тоа е дека голем дел од недостатокот на реципроцитет во почитувањето и разбирањето меѓу професорите и студентите на најголемиот државен универзитет ,,Св. Кирил и Методиј”, кој резултира во спорови и несогласувања, потекнува од погрешната концептуализација на односот ,,професор- студент“.

Со највисока претпазливост прибележувам дека ставовите и заклучоците во овој текст се изведени од лично искуство како студентка и Студентска правобранителка која е во постојан контакт со студенти кои пријавуваат случаи на обесправување, мобинг и дискриминација по легитимен пат. Дополнително, оградувајќи се од генерализaции, уште веднаш истакнувам дека горенаведениот став не се однесува на севкупниот професоријат на УКИМ, туку на (бројни) исклучоци кои ќе бидат дискретно посочени.
Пред да се зафатам со блиско разгледување на таквиот проблематичен однос, важно е истиот да се дефинира и аплицира врз останатите образовни системи, како во нашата држава така и вон неа.

Дури и при проста алузија на ваквиот однос, не е воопшто симптоматично зошто човек импулсивно замислува хиерархија и се впушта во перцепција на првиот субјект како далеку посупериорен во однос на вториот. Неминовно е дека таквата хиерархија е издржана, земајќи го предвид искуството, образовната спремност и социјалната позиција на првиот субјект.

Меѓутоа, проблемот извира кога таквата хиерархија неретко се злоупотребува во оние општества кои тврдокорно се држат до традиционални образовни системи и модели. Во таквите општества, предавалните, од простории во кои реципрочно се издигнуваат истомисленици, се претвораат во простории каде севкупниот тек е диктиран од еден, единствен централен субјект (професор), а останатите присустни се ништо освен негови потчинети. Сепак, најмногу загрижува тоа што сите членови на академската заедница во тие општества (вклучувајќи ги и студентите), толку многу се привикнале на ваквата пракса, што ниту ги препознаваат, ниту ги уважуваат „алтернативните“ системи кои се всушност правилни и стапуваат во сила кај поразвиените општества каде чувството на социјална кохезија е развиено до високо ниво.

Традиционалните општества и прогресивните општества главно се разликуваат во едно, единствено нешто, а тоа е – приоритетот. Оние држави кои располагаат со високорангирани универзитети и притоа обезбедуваат услови за успешно одгледување на генерации кои се спремни да се заложат за нови научни подвизи, се држави во кои младите и младинските политики се главниот приоритет. Таквиот приоритет диктира постојана адаптација на универзитетските кадри кон актуелните околности, како и голема посветеност кон градењето на здрави генерации преку симпатизирање, сочувствување и ослободување на истите, наспроти традиционализмот кој претпочита стигматизирање и ограничување. Во прогресивните академски заедници мобингот и дискриминацијата речиси и да не постојат, што не е случај за регресивните колективи кај кои таквите недоблесни ситуации се метастазирани со загрижувачка фреквентност. Тоа е така бидејќи, општествата кои се во стагнација, во голем дел од случаите приоритизираат социјален дисбаланс преку етикетирање на инфериорни класи во споредба со супериорни, без разлика дали тие имаат материјална, родова или образовна димензија. Иако ова би можело да звучи контрадикторно, ако земеме да ги разложиме политиките на таквите општества, набрзо ќе сфатиме дека сите тие се сведуваат на примитивен глад за престиж и моќ.

Па така, природно е да се запрашаме, дали спорвите меѓу студентите и органите на УКИМ, потекнуваат од социјалната кохезија од која нашето општество е видно лишена? Тоа што ние не сме успеале да воспоставиме здрав систем на севкупна функционалност, секако се одразува и во рамки на нашите образовни заедници кои за жал амбициозно се задржуваат на традиционалниот модел на просветителство, кое е центрирано кон професорот/наставникот/учителот, па целиот тој процес, наместо реципрочен, се сведува на неговите убедувања, методи, дури и карактерни особини. Таквата лишена кохезија во образовниот систем најлесно се воочува во универзитетските простории каде студентите не се единки во развој (како основците и средношколците), туку развиени индивидуи, како биолошки, така и интелектуално. Тука се сретнуваме со главната проблематика на целата ситуација, а тоа е дека продуктивноста на односот професор – студент, како еднакво капацитетни субјекти кои го достигнале својот психофизчки развој и општат без видна попреченост, за жал не стапува на сила во рамки на нашата академска заедница, бидејќи за истата професорот е светост, а неговите студенти претставуваат или обичен дел од статистика или иден наставен кадар кој само ќе ја продолжи традицијата. Таквата пракса се задржала предолго време, поради една проста причина, а тоа е дека е лесно спроведлива и одржлива, наспроти развивањето алтернативни пракси кои секако бараат многу време, енергија и прогресивни кадри кои се инспирирани за промена.

Во мојот скромен мандат, имав прилика од блиску да следам како студенти/ки посегнуваат по инструментот – Студентски правобранител во случаи на мобинг, дискриминација, навреди, нереспонзивност на професорите и слични начини на демонстрација на моќ, за кои професорите се инспирирани од едно, единствено убедување: „Јас сум поголемиот тука“.

Актуелизацијата и демонстрацијата на таквата моќ се зголемила до толкав степен, што речиси не можете да сретнете студент кој што не бил директно погоден од таквите деструктивни убедувања. Сепак, исто толку загрижувачки се и апатичните реакции на студентите, бидејќи тие веќе развиле одбранбен механизам кој што ги оневозможува да веруваат дека ја содржат силата да им пркосат на авторитетите кои се високо капацитетни за демонстрација на диктатура и моќ на суптилен или директен начин. Отаде, лесно е да се заклучи дека се работи за системски проблем кој длабоко го всадил стравот во студентите, и тие не само што не веруваат во своите капацитети, туку и дозволуваат ритуално да бидат потчинети ради некаква си хиерархија, која во напредните образовни институции се презира и казнува. За УКИМ да се стекне со нова кинетика, застарените и стерилни образовни методи мора долгорочно да се напуштат, како на нивно место би настапила една реципрочна пракса на функционалност која ќе обезбеди услови за перцепција на студентот како активен чинител во академската заедница, наспроти позицијата на ,,пасивен набљудувач” која неиздржано му е дијагностицирана.

Само на тој начин, би се воспоставил еден здрав начин на комуникација меѓу професорите и студентите, без второнаведените да се плашат дека нема да бидат ислушани и уважени поради секундарноста на нивната позиција. Студентите не смеат да бидат потиснати во една хиерархија која всадува молк и стагнација. Напротив, тие се огледалата во кои утре ќе се огледа целиот просветен колектив. Треба да им се отстапи простор во кој тие ќе почнат да звучат како себеси, неплашејќи се дека некој супериорен субјект цинично чека да ги потчини.

Викторија Постоловска
Студентска правобранителка на УКИМ