На учениците ќе им биде дозволено да користат содржини направени од „ChatGPT“ во нивните есеи, соопштија од Организацијата на Меѓународна матура.
Од Меѓународната матура, која нуди алтернативни програми за меѓународно образование на основци и средношколци, велат дека учениците кои ќе го користат овој чет-бот мора тоа јасно да го назначат кога ќе користат негова содржина.
„ChatGPT“ стана сензација откако стана јавно достапен во ноември, поради неговата можност да произведува верни одговори на текстуални прашања, меѓу кои и пишување на цели есеи. Иако можностите на оваа програма на база на вештачка интелигенција предизвика загриженост кај дел од наставниците и професорите, Мет Гланвил од Организацијата на Меѓународна матура вели дека чет-ботот треба да биде прифатен како „извонредна можност“. Сепак, тој додава дека ваквите одговори мора да бидат третирани како секој друг надворешен извор при изработката на есеи.
„Јасната линија помеѓу користењето на „ChatGPT“ и оригинален труд е потполно иста како користење на идеи преземени од други луѓе или интернетот. Како и секој друг цитат или содржина прилагодена од друг извор, таа мора да биде наведена во текстот со фуснота и да биде соодветно вметната како референца во библиографијата“, објаснува Гланвил.
Во Меѓународна матура се запишани повеќе од милион ученици во повеќе од 150 држави низ светот.
Гланвил вели дека пишувањето есеи ќе имаат многу помало влијание во приемните испити на студентите во иднина поради растот на „чет-бот“ тегхнологијата.
„Пишувањето есеи сепак е под силен напад на растот на новата технологија и нема сомнеж дека тие ќе бидат многу помалку важни во иднина. (…) Кога ВИ практично може да напише есеј со стискање на едно копче, треба нашите ученици да усовршат други вештини – како разбирањето дали есејот е добар, или дека има пропуштено важен контекст, дали се користени пристрасни податоци, или недостасувала креативност. Ова ќе бидат многу поважни вештини од пишувањето есеј, така што приемните испити во иднина ќе мораат да го одразат ова“, додава тој.
„ChatGPT“ е развиена од „OpenAI“, компанија со седиште во Сан Франциско која е финансиски поддржана од Мајкрософт. Компанијата на Бил Гејтс веќе ја интегрираше оваа технологија во нивниот интернет пребарувач Бинг, додека Гугл исто така најави создавање на свој чет-бот под името Бард, иако тој се` уште не е јавно достапен.