10 игри што ќе излезат во март

Веќе објавивме дека гејмерската заедница ја очекува прилично плодна година, особено по пандемискиот период кога имаше благ застој во развојот на разни изданија, па некои игри беа пролонгирани токму за 2023. Годинава веќе донесе наслови како „Forspoken“, римејкот на „Dead Space“, долгоочекуваната „Hogwarts Legacy“, потоа „Wild Hearts“, „Atomic Heart“, „Sons of the Forest“… а сега Радио МОФ направи листа на 10 видеоигри кои своја премиера ќе имаат токму овој месец:

Wo Long: Fallen Dynasty
Објава: 3 март за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC

„Wo Long: Fallen Dynasty“ е следната акциона игра на „Team Ninja“, студиото зад „Nioh“ и „Ninja Gaiden“. Oпишана е како „soulslike игра што се одвива во мрачна фантастична верзија на периодот на Трите кралства во Кина“. Како и останатите soulslike изданија, ве очекува исклучително тешка игра за кинење нерви додека не го совладате секој мини потег на непријателот. Што и не е така лошо, ако сакате да ги изострите рефлексите и да се изолирате од светот на одреден период.

Clash: Artifacts of Chaos
Објава: 9 март за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC

Акциона-фантазија авантура што ги праќа играчите низ предели населени со големи ѕверови кои секогаш ви мислат лошо. „Clash: Artifacts of Chaos“ е всушност продолжение на оригиналните две „Zeno Clash“ игри, а го проширува истражувањето низ нов свет. Играчите ќе талкаат низ главниот центар на Зенозоик, учествувајќи во невооружена борба додека патуваат низ полуотворен свет. Во основа, ова е игра во која трчате наоколу и тепате чудни ликови со тупаници.

Bayonetta Origins: Cereza and the Lost Demon
Oбјава: 17 март за Switch

„PlatinumGames“ се специјализираа за брзи, стилски и „over-the-top“ акциони игри.  Одговорни се за класици како „Metal Gear Rising: Revengeance“, „Vanquish“, „Nier“ и, што е најважно, серијата „Bayonetta“. По трите делови од оваа сага, во март е најавен спиноф наречен „Bayonetta Origins: Cereza And The Lost Demon“, приказна што се фокусира на Цереза, помлада верзија на Бајонета која тренира да стане вештерка. Играта има доста елементи со решавање загатки, така да, нема само да млатите непријатели во воздух.

WWE 2K23
Објава: 17 март за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC

Ако некој сака да се млати со кечери, ова е тоа! Екстраваганција, симулација на борење во ринг наречена WWE 2K23. Најавено е дека играта ќе оди „чекор понапред“ од претходните изданија: освежена графика, нови модови (вклучувајќи WarGames) и ажурирана група на борачи.

Tchia
Објава: 21 март за PS5, PS4, PC

„Tchia“ е авантура во отворен свет. Се одвива на магичен колоритен остров, каде ќе скитате, истражувате, ќе „билдате“ вештини, дури и ќе користите магични способности за да се трансформирате во животни и предмети. Со својот симпатичен, шарен арт стил, Tchia е од оние „еye candy“ игри, а уште повпечатливо изгледа кога користите моќ на делфин или џемате на укулеле! Авантурата е инспирирана од културата на Нова Каледонија и содржи приказна која има цел да ги едуцира играчите за убавините на регионот. Топло и опуштено искуство, барем така изгледа по трејлерот.

Deceive Inc.
Објава: 21 март за PS5, Xbox series X|S, PC

Мултиплеер игра каде играчите мора да користат шпионски вештини и хај-тек гаџети за да ги неутрализираат другите играчи и да ја освојат титулата „најдобар шпион“. Звучи познато, или оригинално? Во растечкиот свет на мултиплеер игри, интересно е дека „Deceive Inc.“ навидум меша елементи од хитови како „Hitman“ и „Fortnite“, па треба да се очекува стилизирана, забавна игра што поттикнува креативност при секој шпиунски пристап.

Resident Evil 4 Remake
Објава: 24 март за PS5, PS4, Xbox series X|S, PC

„Resident Evil 4 Remake“ е уште еден од низата продукти на „Capcom“, кој во поново време се сврте и на римејкови. Компанијата игра на сигурно. Такви беа вториот и третиот дел на хорор класиците „Resident Evil“, задржувајќи ги основните елементи на оригиналите, додека го реобмислува гејмплејот и визуелизациите за да бидат во чекор со стандардите на денешните игри. Приказната, исто така, е „реконструирана“ за да се одржи наративната прогресија на серијалот во последните 17 години.

The Last of Us Part 1
Објава: 26 март за PC

Нема потреба од некое поголемо претставување: наслов што имаше премиера на Play Station, a сега пристигнува и на PC. Оригиналната хит-игра веќе си доби продолжение и римејк за конзолата, додека моментално е екранизирана и се прикажува серија со исто име. Веројатно тајмингот намерно е наместен за март, за да може цел свет да ја изгледа серијата, па после да има желба (пак) да ја испроба играта и ја проследи авантурата на Џоел и Ели низ пост-апокалиптична Америка. Играта е веќе застарена, ама графичките спецификации се адаптирани како за издание од 2023 година.

Crime Boss: Rockay City
Објава: 28 март за PS5, Xbox series X, PC

Шутер во прво лице што ги испраќа играчите на мисии за да го преземат тронот на „крал“ на Рокеј Сити. Односно, да се искачуваат по криминалната скала. За да ја постигнете оваа навидум сизифовска задача, ќе извршувате разни грабежи и нелегални активности, придружени од екипа криминалци. Откачениот момент е што скоро секој лик е претставен како некоја славна личност. Мики Рурк е тука. Ким Бесинџер е тука. Мајкл Медсен е тука. Исто така Дени Гловер, Дени Трехо и Ванила Ајс. И, можеби најлудата и најкултна адиција – Чак Норис! ЈеаххХ!

The Great War: Western Front
Објава: 30 март на PC

„The Great War: Western Front“ e стратегија сместена за време на Втората светска војна. На оние што љубат стретегии, веќе им е јасно што треба да прават. Избирате фракција, тактизирате, војувате, играјќи улога во Западниот фронт од 1914 до 1919 година. КаБуум!

Бојан Шашевски