Здравството во Македонија служи за „лекување“ на разнишаните меѓупартиски односи во власта, а образованието – за премиерите и министрите да учат лекции како да го чуваат коалицискиот мир.
Само неколку часа по смртта на несреќното момче Благојче кое беше болно од цистична фиброза, премиерот Димитар Ковачевски нервозно му порача на министерот за здравство Беким Сали: „Размисли дали можеш да го продолжиш мандатот после ова!“ Или, во превод, му рече на министерот дека по овој тажен исход – изгубената битка на Благојче, Сали веќе нема морално право и понатаму да ја извршува функцијата министер.
Но чекајте, да не му припишуваме на премиерот одважност и искреност за оваа изјава. Бидејќи, за жал, изјавата уследи откако во јавноста веќе и врапчињата знаеја дека во најновите меѓупартиски и коалициски комбинаторики, повторно паѓа – министерот за здравство. Како и кога Алијанса за Албанците излезе од Владата, набрзо откако влезе во 2017, но и како и многу пати досега.
Формулата за владина реконструкција наречена „сменете го министерот за здравство“, не е и ни нова, ниту измислена од сегашниот шеф на Владата. Таа се провлекува речиси три децении, и беше присутна во сите досегашни влади. Така, станавме рекордери според бројот на министри за здравство. Вкупно 16 министри за триесет и две години, или еден министер, во просек, траел две години, што е точно половина мандат.
Се разбира, оваа груба математика има и свои отстапувања, па имаме и двајца министри кои траеле по пет (Венко Филипче) односно шест години (Никола Тодоров), но и министри кои едвај имале време да го согледаат распоредот на мебелот во нивните канцеларии пред да ги сменат, на пример, Арбен Таравари кој беше министер само пет месеци и Драган Даниловски кој беше седум месеци на оваа функција. Близу до тој неславен рекорд е и министерот Беким Сали кој поради партиски комбинаторики замина од функцијата по само една година од неговото назначување.
Само во последните две години, Македонија имаше три министри за здравство – Венко Филипче кој замина во јануари 2022 и кого го замени Беким Сали чија кариера заврши деновиве и чиј наследник е Фатмир Меџити.
На маргините на политичкото планирање
Слична е состојбата и во образованието: 25 министри продефилираа, низ две организациски реформи во овој сектор. Или попрецизно, шест министри за образование од 1991 до 2000 и шест за наука, и 13 министри од 2000 до 2023 за образование и наука. Најкратко траеле Гале Галев, нецела година и Рената Дескоска – една година. Најдолго на функцијата бил Азис Положани – четири години. Забележливо е дека ниту еден министер, освен Положани, не истерал повеќе од две години мандат како министер за образование.
Што да се каже за овие податоци? Смееме ли да ги обвиниме критичарите кои реагираат дека образованието и здравството служат за спасување на владините коалиции, дека се партиски трофеи во политичката трговија, а не области каде најмногу треба да се вложува? И, каква порака пратија осумте премиери во изминатите над три децении за нивните приоритети при водењето на државата?
Извор: sdk.mk
Одбраната, безбедноста и високата политика сè уште го држат приматот, а областите кои ги дефинираат животниот стандард и перспективите на населението, останаа на маргините на политичкото планирање.
Македонија е на 42 место од 229 држави според стапката на смртност во светот, што може да се толкува многу лошо, но со олеснителни факти дека со повисока смртност од нас се една Хрватска, Германија и Италија, додека пак подобро од Македонија се позиционирани Албанија и Косово. Меѓутоа, секако во апсолутна бројка – да се биде на 42-ро место според смртност меѓу 229 држави не е импресивен податок, дури не е ни прифатлив. И е илустрација за квалитетот на здравствените услуги во нашата држава и за лошата здравствена состојба на населението. И Ковид статистиката ја покажа лошата здравствена состојба на населението во Македонија бидејќи од 347.000 заболени, вирусот беше фатален за 9.653 граѓани.
„Трикафта“ – синоним за немарноста
Здравствениот систем, пак, е буквално пред колапс. Државното здравство работи како во услови на војна. Болни лежат во колички низ болнички ходници, лекови за најкритичните болни постојано нема, болниците според нивото на хигиена и според опремата личат на се’, само не на здравствени установи, а нема ни кадровска политика во здравството поради што лекарите заминуваат да работат надвор од државата. Според податоци од Македонското лекарско друштво, Македонија за 10 години изгубила 2.000 лекари.
И да се вратиме на почетокот на овој текст, и на трагичната судбина на младиот Благојче, која е најголемата шлаканица за здравството. Фактот што од болеста цистична фиброза има шеесетмина заболени од кои осум потешко, кои секој ден чекаат вест од Владата дека стигнал лекот „трикафта“, најсилно зборува за немарноста и за лошата здравствена политика која со децении е присутна.
Незаинтересираноста за здравството доведе и до еден неславен рекорд, во Кичево да се гради триесет и осум години болнички објект! Изградбата почнала уште во 1985 година, и трае до ден-денеска. Или, уште еден неславен рекорд: од граѓанските џебови во приватното здравство се одлеале за ПЦР тестови речиси 20 милиони евра – податок што говори за хаосот во здравството за време на пандемијата. Или, уште полошо – податок што говори за потфрлање на државното здравство токму во моментите кога граѓаните имале најголема потреба за здравствени услуги.
Неуспехот да почне изградбата на нов Клинички центар во Скопје и во некои од поголемите здравствени центри, е исто така, еден од позначајните примери за запуштеното здравство.
И образованието, за жал, служи за задоволување на партиски интереси а не за воведување на квалитетна подготовка на младите за животот. Македонските универзитети, на пример, ги нема во првите 1000 на Шангајската листа, што само по себе е разочарувачки факт за младите кои немаат финансиски можности да се школуваат во странство.
Поразително е што за три децении независност, Македонија не успеа да оспособи високообразовна установа која ќе се носи не со првите во светот, или да биде на средина на рангирањето, туку барем да влезе меѓу првите 1000, како што тоа им успеа на универзитетите во Белград, во Атина, Марибор, Љубљана, Загреб, Нови Сад… Некој ќе рече дека е тоа преамбициозно очекување, но да размислиме: колку овој неуспех се должи на бавниот економски развој и на објективни околности во изминатите 30 години, а колку на субјективни причини и на незаинтересираност на сите досегашни влади за образованието, и неговото политизирање.
Секој министер со своја политика
Оттука, веќе за никого не претставуваат изненадување грешките во учебниците како последните што беа пронајдени во учебникот по историја во кој историчарите најдоа целосно промашени датуми и факти за Кокино, Хераклеја, Никола Тесла, Марија Кири и така натаму. Поминувајќи низ такви апсурдни искуства, веќе се помиривме и со доцнење на учебниците. Проблемот ескалираше поради министерската транзиција и заложбите на претходната министерка Мила Царовска за воведување на дигитални учебници, и одлуката на нејзиниот наследник, актуелниот министер Јетон Шаќири, сепак, да се печатат учебници.
Тоа е само една мала илустрација за тоа дека секој министер си води своја политика и создава нови концепти без да води сметка за континуитет во наставните програми. Или, накратко кажано, секоја партија си доаѓа со своите концепти за образованието, а ниту еден не е имплементиран целосно.
Хаосот во образованието не може ниту да се опише, потребни се стотици и стотици, ако не и илјадници страници за да се претстават бројните промашувања во оваа сфера која го претставува јадрото на развојот, не само на секој поединец, туку и на целото општество.
Ако треба да сумираме би дошле до едноставната дефиниција дека здравството во Македонија служи за да ги лекува „болните“ коалиции и разнишаните меѓупартиски односи во власта, а образованието служи за премиерите и министрите да учат лекции како да го чуваат коалицискиот мир и како да ги задоволуваат партиските апетити. Оваа дефиниција, пак, е доволно растеглива за да ги опфати и бизнис интересите кои го зазедоа местото на потребната образовна и здравствена политика.
Ако се продолжи во истата насока, а не гледаме знаци дека тоа нема да се случи, здравството може да замине на трајно боледување, а образованието нема да биде способно ниту да произведе кадри да го излечат.
*Соња Крамарска, е новинарка, авторка на повеќе фељтони и други публикации, поранешна главна уредничка на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во моментов работи како новинарка и членка на редакцискиот колегиум на НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советничка за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.