Под мотото „Ќе преживеат ли жените овде“, овогодишниот осмомартовски Марш за женски права, ќе се одржи во среда, 8 Март – Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.
Маршот ќе започне во 18 часот на Плоштадот Филип Втори, а како организатор се јавува Платформата за родова еднаквост. Маршот ќе биде завршен во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.
Организаторите посочуваат дека маршот е протестен одраз на случувањата во земјава и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед – од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.
„Да се биде жена или девојка во земјава значи секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување: Дали ќе го преживеам ова возење со такси? Дали ќе го преживеам овој месец? Дали ќе го преживеам браков? Дали ќе го преживеам породувањето? Дали ќе ја преживеам оваа операција? Дали ќе го преживеам насилството? Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден“, велат од Платформата.
Оттаму дополнуваат дека во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот.
„Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири“, истакнуваат организаторите.
Од Платформата повикуваат на присуство на маршот, велејќи дека родовата нееднаквост е сечиј проблем.
„Ве повикуваме заедно да кренеме глас за женските права. Ги охрабруваме учесниците да земат со себе реквизити со кои ќе бидеме погласни: свирчиња, тенџериња и дрвени лажици, светлечки батерии, транспаренти“, додаваат организаторите.