По текст на „Харолд Пинтер“, претставата „Немиот келнер“, премиерно ќе се одигра во Младинскиот културен центар во вторник, на 7 март. Претставата ќе започне во 20 часот.
Во режија на Александар Ивановски, претставата не е апсурд, туку реализам кој ја покажува апсурдноста на постоењето.
„Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува“, се вели во кусиот осврт кон делото.
Актерската екипа на претставата се Мартин Ѓоргоски и Васко Костовски. Во претставата, велат од театарската екипа, во фокус се ликовите Бен и Гас, кои се наоѓаат во подрумска просторија, во исчекување на насоките за извршување на нивната следна задача.
Продуцент на претставата е Батухан Ибрахим, додека сценографијата е на Ненад Тонкин. Костимографијата е на Елена Кузманов, додека дизајнот на светлото е на Андреј Неделковски.
Преводот е на Марио Стојановски, а дизајнот на плакатот е на Тео К. Атанасовски.