Повеќе од половина од светската популација ќе биде со зголемена телесна тежина до 2035 година доколку не се преземат никакви мерки, предупредува Светската федерација за дебелина.
Новиот извештај покажува дека 4 милијарди луѓе ќе бидат погодени, а стапките најмногу растат кај децата и тинејџерите. Се очекува стапката на дебелина кај нив да биде двојно поголема отколку во 2020 година. Најголемиот пораст ќе се забележи во земјите со ниски или просечни примања во Африка и Азија.
Во студијата е наведено дека прекумерната тежина ќе го чини светот повеќе од 4 трилиони долари годишно до 2035 година.
Причините за растот на тежината се трендови во исхрана со повеќе високо-обработена храна, високо ниво на седентарно однесување, односно поминување време во седечка положба, послаби политики за контрола на снабдувањето со храна и не доволно добри здравствени услуги да помогнат во регулирањето на телесната тежина и здравствената едукација.
Наодите проценуваат дека зголемената тежина во светот ќе има значајно влијание на светската економија, односно 3% од глобалниот бруто домашен производ. Во извештајот се додава и дека сознанието за економските влијанија што може да ги предизвика дебелеењето кај луѓето не се никако вина на луѓето со прекумерна телесна тежина.