„Кон-текстот: Дигитални осврти“ е книга за македонската книжевност што од вчера е достапна за преземање или читање во дигитална верзија. Станува збор за книжевен преглед на некои дела од македонската литература издадени во првите две децении на 21 век.
Во книгата што како проект го започнува професорката и писателка Калина Малеска во 2017 година, се вклучени лични видувања за избраните книги на петнаесет студенти и студентки од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
„Теа Дуза, Моника Михајловска, Ајнур Касо, Симона Трајчевска, Александра Лазороска, Павлина Коталеска, Александар Петровски, Фросина Крушкаровска, Елена Петрова, Марија Ангеловска, Татјана Танчевска, Ана Органџиска, Ивана Јовановска, Кристијан Стефановски и Андреј Медиќ Лазаревски – од кои најголем дел се веќе дипломирани, и јас (К. М.), како уредничка на книгата и авторка на овој вовед и неколку поглавја. Книгата, со согласност на сите учесници, се работеше како доброволен придонес кон истражувањето на македонската книжевност“, стои во воведот кон книгата.
Идејата за создавањето на еден ваков преглед на македонската литература, вели Малеска, дошла од познајник кој во 2009 ѝ рекол дека „Во македонската литература нема романи во кои се истражува темата на двојникот“.
„На познајникот кој во 2009 година тврдеше дека нема романи за двојникот, му одговорив не толку прецизно: ‘Сигурна сум дека има’. И бев сигурна, само што во тој момент не можев да се сетам на конкретен пример; и ми остана дилемата дали има или нема такви романи. Ова е еден од мотивите за настанувањето на оваа книга. Информациите се толку распространети на толку многу различни платформи, книги, медиуми, што сосема е нормално човек да не биде информиран за сè што било објавено под називот ‘македонска книжевност’. Една ваква книга, сметам, може да содржи значајни информации за она што е објавено во одреден период кај нас – овде, конкретно тоа е периодот на првите две децении од дваесет и првиот век“, забележува таа за првичниот мотив за создавање на книгата.
Наспроти првичната идеја, посочува Малеска, голем дел од писателите кои пишуваат во овој период не се застапени.
„Но, книгата останува отворена за дополнување во периодот од следните пет години и планот е да се додадат прегледи и за други книжевни дела, незастапени во ова прво издание – поетски, прозни и драмски, а издадени во првите дваесет години од овој век“, се вели во текстот.
Една од целите на оваа книга е да се направат видливи што поголем број книжевни дела.
„Оваа книга е одраз на идејата дека сите критериуми се релативни. За да се оствари споменатата цел, сметав дека е важно текстовите за автор(к)ите, односно нивните дела, да не бидат во облик на рецензии, односно да не се дава вредносен суд, туку да се сосредоточат на опис на книгите – темите што се обработуваат, начинот на кој се обработуваат, стилот што се користи“, додава писателката во својот вовед.
Книгата е достапна за преземање или читање тука, а целиот вовед на Малеска е објавен на Окно.мк.