Отворање на изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во МСУ

Изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“ ќе се отвори во четврток (9 март) во Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ).

„Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции“, се вели во најавта.

Свои дела ќе изложат Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Биљана Гаревска и Дарко Базерко.

Во рамки на изложбата ќе следува и јавна програма која ја отвора Адам Ночек, професор по Филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет Аризона во САД на 12 март (недела) во 12 часот.

„Пејзаж на вознемиреност“ е дел од истоимениот проект кој подразбираше шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации низ земјава.