Во врска со најавеното именување на раководители и заменици на повеќе јавни институции, установи и државни претпријатија, по новиот коалициски договор, Платформата на граѓански организации против корупцијата преку отворено писмо ја потсетува Владата за професионализацијата на јавната администрација.
„Оттука, ја потсетуваме Владата дека при именувањето на професионалното раководно ниво во јавниот сектор, има должност да обезбеди конкурентна процедура, низ јавен оглас“, се вели во писмото на Платформата.
За таа цел, посочуваат од таму, Владата мора да го напушти коалициското преговарање за професионалните позиции во јавниот сектор.
„На патот кон Европската Унија, Владата има обврска пред граѓаните да ги избере најдобрите раководители, за да овозможи институции кои ќе им обезбедат квалитетни услуги. Граѓаните ги заслужуваат најквалификуваните кадри“, стои во писмото.