Јавен колеџ во Ајдахо е ставен под притисок откако администрацијата отстранила неколку уметнички дела од студентска изложба, кои биле посветени на абортусот, пренесува „Гардијан“.
Насловена „Безусловна љубов“, студентската изложба била отворена во Центарот за уметност и историја при колеџот „Луис Кларк“ во Ајдахо.
Според концептот, изложбата требало да претстави дела кои се бават со здравствени проблеми, а во фокус биле хроничните болести, инвалидитетот и бременоста. Уметниците требало да пренесат приказни од луѓе кои директно се соочуваат со здравствени предизвици.
Но, уметничките дела кои ја отворале темата на абортусот биле отстранети од изложбата. На уметниците им било кажано дека нивните дела го прекршуваат државниот закон на Ајдахо, откако американскиот Врховен суд го укина „Ро против Вејд“ и абортусот стана нелегален.
Американската Унија за граѓански слободи и Националната коалиција против цензура упатиле заедничко писмо до колеџот во кое алармирале за отстранувањето на уметничките дела.
Набљудувачите на слободата на говорот предупредуваат дека укинувањето на правото на абортус наскоро ќе може да се почувствува во реалноста преку цензура. Тринаесет држави, меѓу кои и Ајдахо, го укинаа абортусот.
На Калтрина Маџкут, уметница која учествувала на изложбата, ѝ било отстрането едно уметничко дело. Насловено „Апчиња за абортус“, делото претставува вез од слики од апчиња за абортус.
Администрацијата на колеџот најпрво се противела на насловот на делото како и на кованицата „пост-Ро“.
„Пробав да најдам алтернативи, на пример предложив делото да е затскриено со завеса или знак со предупредување дека делото е противзаконско, но сите мои алтернативи беа отфрлени. Цензурата во уметноста воопшто не е добар знак. Ова го гледам како цензура на уметност, но и отпор кон академското знаење“, изјавила Маџкут.