Ретка слика од уметникот Питер Бројгел Помладиот од 17-тиот век, која се опишува како „извонредна“ и една од неговите најголеми слики, ќе биде ставена на продажба на аукција во Париз подоцна овој месец.
Сликата била најдена закачена зад врата во дом на северот на Франција. Делото било во истото семејство од 1900 година, но засега не се знае кој ја имал оваа слика претходно.
Делото со димензии 112 на 184 сантиметри е ставено на продажба со почетна вредност од 800 илјади евра, а станува збор за верзија на „Селскиот адвокат“, тема која Бројгел ја репродуцирал дури 90 пати низ неговата кариера. Се верува дека ова конкретно дело е насликано помеѓу 1615 и 1617 година.
Мало де Лусак од аукциската куќа Дагер Вал де Лор, кој ја пронашол сликата при проценка која ја побарало семејството кое сакало да остане анонимно, вели дека едвај поверувал на што наишол.
„Во семејството е позната како „Бројгел“, но тие немале идеа дека се работи за оригинал. Мислеле дека е копија, само некаква декорација која нема никаква вредност. Кога ја испративме во Германија на експертска проверка, која потврди дека станува збор за оригинален Бројгел и кога семејството ја сфати важноста на она што го имале побараа да ги фотографираме пред сликата покрај која живееле сите овие години. Истовремено беше и смешно и трогателно“, вели Де Лусак.
„Се работи за едно од оние уникатни откритија кои се случуваат еднаш во кариерата. Се работи за многу необична слика во поглед на големината и фактот дека се наоѓа во одлична состојба“, додава тој.
Питер Бројгел Помладиот, роден во Брисел, бил најстар син на холандскиот и фламански ренесансен сликар од 16-тиот век Питер Бројгел Постариот. Бројгел Помладиот сликал пејзажи, религиозни теми, меѓу кои и бројни описи на пеколот, како и селски сцени и цветови. Тој истовремено бил и познат имитатор на некои од најпознатите дела на неговиот татко.
Селскиот адвокат е една од неговите ретки оригинални композиции кои прикажуваат хаотични сцени на селани кои чекаат ред пред канцеларијата на адвокатот, а многумина од нив носат подароци, како јајца и живина.