#РаскажиМи: „Улицата на багремите, број 18“ од Кире Димитриевски

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Улицата на багремите, број 18“ од Кире Димитриевски. Расказот доби пофалба на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.

Конкурсот беше за прв пат беше распишан во 2022 година, а во 2023  објавени беа добитниците на трите наградени раскази, како и три млади автори кои добија пофалба. Во следниот период, преку #РаскажиМи, ќе ги објавиме пофалените и наградените раскази.

Улицата на багремите, број 18

Рана пролет. Малата улица се извива помеѓу зградите, пркосејќи им на нивната речиси арогантна намена да се извишуваат колку што е можно повисоко, засенувајќи што поголемо парче небо. Личеше на поток што се пробива низ урбаната џунгла. Сино-зелени бранови што брзаат помеѓу малите приземни куќи со бујни дворови и црвени покриви. Улицата на багремите. Така ја викаа староседелците во тој дел на градот, затоа што секоја пролет, порано отколку на сите други места, милиони бели цветови ги красеа гранките и ширеа сладок мирис на багрем.

Некаде на средината на улицата, помеѓу сето тоа зеленило и белина, се гледа една мала, портокалова куќа со црвен покрив. Шарено парче рај опколено со високите згради во непосредна близина. Капијата од старо ковано железо се отвора и продолжува во една мала патека од камен околу која се насмевнуваат темјанушки, зумбули, грмушки рози и која води до тремот на куќата. Дворот е мал, но уреден со душа, зрачи со некоја разиграност и топлина. На десната страна од патеката две јаболкници една до друга, ќе си помислиш дека се прегрнуваат со гранките. На левата страна, ете го багремот, гордо се извива накитен со белите опојни цветови, а под него мала масичка покриена со чаршаф во црвено-бели коцки, четири стари пластични стола и слабата, кротка фигура на дедо Миле како седи на една од нив, пивнува од горкото кафе, повлекува од цигарата и ужива во својот мир и тишина. Човек ќе помисли дека времето застанало или, едноставно, дека само тука, на оваа точка од градот, тоа поинаку тече и поминува. Има 67 години, коса прошарана со сребрени нишки исткаени од времето, густи мустаци што во правилен лак му ја кријат насмевката, широки раце избраздени од работа и очи што питомо впиваат сè околу себе.

Седи дедо Миле, седи денот, времето, мируваат секундите, се слуша само веселиот, безгрижен разговор на врапците и долгите вдишувања и издишувања на неговите старечки гради при секое повлекување на цигарата. Ги затвора очите и му се причинува дека во целиот тој мир слуша звук на тропот на чевли што енергично ја изминуваат камената патека. Ги отвора очите и погледот му се судира со едни весели очи и широка насмевка.

– Добар ден. Вие сте сигурно дедо Миле. Јас сум Петар – му ја подава раката.

Дедо Миле го гледа момчето и за момент не е сигурен дали се гледа себеси во младоста, дали гледа непозната човечка фигура или гледа само привидение кое ќе исчезне со следното трепнување на окото. Ги затвора и повторно ги отвора очите, но насмеаното момче сè уште е тука и продолжува да зборува. Му подава куп хартии и почнува да му раскажува дека е дојден за да му помогне и да му го промени животот. Му вели дека сега е ново време, нов век, технологијата оди напред, градот се развива. Му објаснува дека на сите соседни улици веќе се изградени паркинзи, нови, модерни згради, две улици подолу од минатата година е пуштен во употреба трговски центар изграден според сите светски стандарди.

– Знаете, еве токму на оваа улица се предвидени неколку станбени згради. Вашите соседи веќе се согласија со овој план – му вели.

А дедо Миле молчи и ги гледа на малата камена патека првите чекори на неговиот Филип, кој се роди во зима кога немаше ниту птици, ниту багреми. Првото изгребано колено на неговата Ана, која се роди две години подоцна, во една пролет, раскошна и мирисна токму како оваа сега. Гледа дедо Миле како неговата Милица качена на скала ги подава рацете и ги бере најубавите црвени јаболка, внимателно ги става во кошницата, а потоа се симнува, ниша со колковите и доаѓа накај него, седнува на столот спроти неговиот и насмеано му вели: „Ајде да пиеме кафе“. Знае дедо Миле дека неговата Милица веќе пет години ја нема, дека Филип живее во стан на другиот крај од градот и дека Ана сега е на оној важен универзитет во Лондон од каде што го освојува светот. Знае тој сè, но еве, ова ѕвездено момче не знае дека тој сепак умее да ги види нивните насмевки скриени помеѓу зумбулите, темјанушките и грмушките рози. Дека на крајот од пролетта во дворот ќе одекнуваат чекорите на внуките, внуците ќе се обидуваат да се качат на јаболкницата, Филип ќе прави скара и ќе го убедува да испијат по уште едно пиво, она најмалото ќе лази по тревата во дворот и ќе посегнува да ѝ го дофати опашот на мачката, соседите спонтано ќе се соберат, тетка Деса ќе донесе од нејзината штотуку испечена штрудла, чичко Перо ќе дојде со шише домашна ракија, а децата на баба Славка ќе втрчаат и веднаш сите мали ќе се соберат да играат криенка.

– Дедо Миле, вам ќе ви дадеме четири стана, ќе имате и за вас и за внуците – насмеано и веќе некако гордо изјавува Петар.

А дедо Миле не престанува да ги гледа сите изиграни партии шах со соседот Среќко, позајмениот филџан шеќер доцна навечер, затоа што маалската продавница веќе затворила, а тетка Румена посакала токму тогаш да му направи овошен колач на чичко Благојче. Не престанува да му ги гали ноздрите мирисот на свежо испечен леб, на коцка добрина божем случајно подадена од соседите откако го напушти неговата Милица. Не престанува да ги гледа врапците како безгрижно доаѓаат секое утро во дворот, се собираат како на договорена средба и си мислиш дека токму тука ги водат најважните разговори.

– Еве, прочитајте внимателно, погледнете какви ќе бидат зградите. Ќе биде многу убаво. Ќе можат да дојдат многу семејства со деца. Некои од нив веќе си ги запишаа децата во нашето училиште. Супер се зградите. Модерни. Со големи тераси, паркинг. На приземјето ќе се отвори еден од оние познати супермаркети. Веќе нема да мораат да пазарувате во малата маалска продавничка. Погледнете, ве молам – воодушевено не престанува да раскажува Петар.

Неговата виткана коса со немирни кадрици се бори со цветовите од багремот што паѓаат на неговата глава. По улицата со забрзан чекор поминува тетка Славка, носејќи ја во десната рака полната торба за пазарување, онаа зелената, со шарени цветови, од која ѕирка хартиената кеса во која чичко Васе од маалската продавничка внимателно го пакува лебот, иако тој се продава во најлонско пакување. Брза тетка Славка, но не пропушта да застане пред неговата капија, да ја подигне левата рака и да му се насмевне, поздравувајќи го.

Утрото е одамна поминато, но пладневната жега тешко се пробива помеѓу гранките на багремите. Пролетниот ветер носи свежина и го разбива чадот од цигарата на дедо Миле. Еден мал вител пареа како последна воздишка се издигнува од филџанот со кафе. Петар одеднаш престанува да зборува и малото парче рај повторно се исполнува со чудесен мир и спокојство.

– Седни момче, се измори зборувајќи – вели дедо Миле и по првпат се насмевнува. Спокојно му го поднаместува столот спроти неговиот и нежно го потчукнува по рамото.

– Седни, земи малку здив – сочувствително додава дедо Миле.

Петар се сепна и конечно седна, ги затвори очите и длабоко воздивна. Неколку бели цветови се стркалаа од косата и паднаа на малата масичка пред него. Носниците му се наполнија со мирис на багреми.

***

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.