Во Средното училиште на Град Скопје „Марија Кири – Склодовска“ вчера беше отворена првата градска биотехнолошка лабораторија во Скопје која ќе може да ја користат средношколците и студентите, професорите, претприемачите и сите кои имаат желба да се занимаваат со наука.
Од Град Скопје напоменуваат дека со отворањето на оваа биотехнолошка лабораторија од страна на Град Скопје, УНДП и УНИЦЕФ, се формира национална иницијатива за трансформација на биоотпад, био-хакирање и биотехнологии која ќе поттикне иновации, и ќе инспирира ангажман и активност од различни заедници во земјата за изнаоѓање решенија за заштита на животната средина.
„Биотехнолошката лабораторија ќе ја доближи науката до учениците, студентите и академскиот сектор, како и до граѓански сектор, претприемачите и иноваторите и ќе овозможи дизајнирање на трајни решенија за комплексните еколошки предизвици. Во оваа лабораторија се вклучени пионерите во академскиот и од деловниот сектор, кои можат да ја предводат промената за здрава животна средина. Во отворената градска лабораторија ќе може да експериментира со трансформација на биоотпадот, како и со биотехнологии како влезна точка во создавањето претприемачки можности за што позелена иднина. Биоотпадот во сочинува 45,6% од целокупниот отпад произведен во земјата. Поголемиот дел од овој отпад, околу 95% завршува на депонии и полиња, испуштајќи гасови со ефект на стаклена градина и со тоа придонесува за низа еколошки предизвици за нашето општество.“, велат од Градот.
Лабораторијата има и компонента за микробилогија и молекуларна методи кои ќе биде појдовна точка за eдукативна надоградба и на јавноста, како и за академски граѓани кои ја започнуваат својата кариера во делот на биотехнологиите.
Од Град Скопје информираат дека во отворената градска лабораторија, под надзор на професионално обучено лице, ќе може да се направат иновативни производи од биоотпад, било тоа да е од кора од портокал, отпад од кафе, банана и слично во насока на создавање на нови природни материјали, односно да се трансформира отпадот во етерично масло што би се пласирало на пазарот или концептот да се презентира пред инвеститори. Во лабораторијата ќе може иноватори, претприемачи, ученици, наставници и цела заинтересирана јавност, да тестираат идеи, учат и да експериментираат во насока на креирање на иновации.
Дополнително во лабораторијата ќе има простор да се работи и на друг тип на иновативни решенија во областа на биотехнологиите како на пример истражување на структурата на ДНК или демонстрирање како работи PCR машина.