Стотици илјади Израелци учествуваа во протест кој дел од јавноста го нарече „најголем во историјата на државата“.
Граѓаните се револтирани поради владиниот план да направи драстични промени во правниот систем на Израел, за кој велат дека штетат на демократијата.
Демонстрации се одржуваа низ целата држава, а рекорден број граѓани имало во Хаифа, додека во Тел Авив се проценува дека на протестот учествувале околу 200.000 луѓе. Според организаторите низ целата земја вчера демонстрирале половина милион луѓе, а израелскиот весник Харец протестот го нарече „најголем во историјата на земјата“.
קפלן, תמונת מצב שעה 20:50 pic.twitter.com/wtvdTOB1Ad
— Bar Peleg (@bar_peleg) March 11, 2023
„Не станува збор за реформа на правосудството. Се работи за револуција со која Израел треба да стане целосна диктатура, а јас сакам државата да остане демократија за моите деца“, изјавил за Ројтерс Тамир Гујтсабри, учесник на демонстрациите во Тел Авив.
Реформите имаат за цел на Владата да им дадат пресудно влијание околу изборот на судии и ја ограничува можноста на Врховниот суд да поништува владини одлуки или пак да укинува закони.
Ова прашање предизвика длабока поделба во израелското општество и покрај тоа што Владата на Бенџамин Нетанјаху тврди дека планираните измени на законите се во корист на граѓаните.
Критичарите сметаат дека планираната реформа, која веќе е на дневниот ред на парламентот, ќе го политизира правосудството и ќе биде чекор кон авторитарна власт.