Ова недела, Младинскиот културен центар повторно нуди разновидна програмска културна понуда на настани.
Во среда, 15 март со почеток во 20 часот на репертоар ќе се одигра победничката претстава на минатогодишниот 47 МОТ фестивал, претставата „ГЛУМиЦИ“ во изведба на Артопија.
„Театарска претстава која е повеќе од само изведба, и говори за театарот, за сите нас во него и за неговото позиционирање во светот, за сето она за што се мечтае, за страдањето, за вербата во подобро утре“, стои во најавата на МКЦ.
Во четврток, 16 март ќе се одржи добротворен концерт за Небојша Додевски – Грицко, во бифето на МКЦ со почеток од 16 часот. На истиот ќе настапат: Јана Гигова, Димиш, Тотално Опуштање, Сватовски и многу други домашни изведувачи. Настанот е во организација на „Брат за Брат“.
„Веќе во петок следи целовечерен хип хоп спектакл за промоција на последниот албум на македонскиот хип хоп артист Џака Накот: Live on no evil, на кој покрај него ќе настапат и диџеј Гоце, Легијата, Дивизија, Бвана, диџеј Славе, Страјк, Куп де Грас, Ади Имери и плејада други локални артисти и изведувачи за неверојатна вечер за паметење“, соопштуваат од МКЦ.
Истиот ден, во рамките на двете галерии во МКЦ ќе бидат отворени изложбите: „Новите индустрии на стари локации” која претставува резултат од научноистражувачки проект на Архитектонскиот факултет во Скопје како и изложба со наслов „Еволуција?“ од Балканскиот универзитет во Скопје.
Сабота, 18 март е резервирана за концерт на загрепски хип хоп бенд „Елементал“, кој со својот настап во МКЦ ќе го прослават својот 25 годишен јубилеј од своето основање.
Истата вечер, во бифето на МКЦ ќе се одржи и слушачка промоција на најновото издание на македонскиот бенд „ИСКРА“, во издаваштво на Diehard records.
Билети за концертите може да се најдат на билетарницата на МКЦ или онлајн на линкот bileti.mkc.mk.