474 деца со атипичен развој од 62 општини биле месечно стипендирани да посетуваат настава на македонски, албански и турски јазик во 187 основни училишта. Од нив 365 се во редовно училиште, 73 во основни училишта – ресурсни центри, и 36 деца во центри за поддршка во редовните училишта. За таа цел во 43 редовни училишта се подобрени условите за инклузивно образование со отворање на сензорни соби, катчиња, пристапен тоалет и инклузивни игралишта.
Ова се дел од резултатите на тригодишниот проект „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ на фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.
На денешниот настан од Фондацијата истакнаа и дека во изминатите две ипол години биле овозможени и туторска поддршка на повеќе од 150 деца, како и обуки за вработен кадар во училиштата и консултации со родители на деца со попреченост.
Проектот завршува во август, а „Чекор по чекор“ сака инклузивниот процес да продолжи и понатаму.
„Нашето видување од работата ни потврди дека кога имаме општина што темата на инклузија ја има ставено во својот центар на работа, тоа се пренесува и во училиштата. Со оглед на тоа што проектот завршува сега во август, се обративме со молба до општините доколку можат да ги преземат нашите стипендисти, а со тоа и да ги поттикнеме доколку е можно да земат и нови првачиња како нивни стипендисти. За жал досега само една општина ни одговори позитивно на ова барање“, изјави Бранка Џајковска.
Елена Мишиќ даде краток увид на податоци за растот на бројот на ученици во скопските општини според последниот попис. Користеле информации од Државниот завод за статистика за да проценат колку училиштата во Македонија се подготвени за инклузивно образование.
„Она што е мошне поважно за нашите идни планирања е бројот на првачиња кој скоро секаде расте. Како илустрација, од нашата бројка од 474 стипендисти, во првата година ни се отселија 2 деца, во втората едно, а оваа година дури 14 стипендисти коишто се трето и четврто одделение. Како што растат децата, родителите сфаќаат дека сакаат да им понудат нешто подобро на нивните деца“, рече Мишиќ.
Таа укажа дека од година в година бројот на наставници е поголем, отколку на ученици.
„Имаме многу, особено селски училишта со многу малку деца, а имаме и такви каде соодносот наставник-ученик е еден на два. Значи имаме ресурси коишто недоволно ги искористуваме од една страна за сите деца, а од друга страна зависиме од образовни асистенти за децата со попреченост. Можеби треба на ниво на училиште да се преосмисли пристапот и реално да преминеме кон тандемска настава, зашто иднината на образованата асистенција не е да имате еден наставник и еден образовен асистент туку да градиме култура на тандемска настава каде сите деца ќе имаат полза од педагошката настава“, додаде Мишиќ.
При конципирање на проектот, Фондацијата користела светски студии во кои, како што рече Џајковска е наведено дека доколку во паралелка каде има само едно дете со попреченост и предизвикувачко однесување, тоа не може негативно да влијае на остатокот на ученичката заедница во совладување на материјалот. Но, ситуацијата се менува со два и повеќе ученици.
„Тие може да направат проблем или некаков академски губиток кај целата ученичка заедница. Но, доколку имаме еден таков ученик во одделението нема да има такво влијание. Тоа значи дека наставникот може да се справи“, забележа Џајковска.
Во пракса има потреба од повеќе дефектолози и асистенти
Директори од училишта во Скопје, дефектолози, наставници и специјални едукатори учествуваа на дискусијата што се отвори по презентирање на резултатите и препораките.
Дефектологот Велика Миленковска посочи дека најчесто има повеќе од едно дете со атипичен развој во едно одделение, па тешко е да се постигне.
„Направивме сензорни соби, но колку од нас, дефектолозите во училиштата сме акредитирани за работа со тие соби? Си направивме игротеки, еве ресурсни соби. Дефектолозите не се спремни за тоа, затоа што се бара акредитација. Погрешна е терминологијата, треба да се ресурсни соби, но зборувам како ги доживуваат наставниците (како игротеки)“, истакна Миленковска.
За недостатокот на едуциран кадар во училиштата се огласи и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ во Општина Аеродром, Виолета Ристовска која рече дека во нивното училиште секоја година се запишуваат сè повеќе првачиња што им ја зголемува потребата од инклузивен кадар.
„Навистина се соочуваме со голема бројка. Законската рамка вели еден асистент на три ученици со посебни потреби, а веќе имаме повеќе паралелки со по три и повеќе ученици. Верувајте имаме и моменти кога тие асистенти се борат со учениците, тоа е далеку од некаква реална настава. Апелирам за бројот на ученици со документација за попреченост и за бројот на образовни асистенти. Еден ист асистент не може да биде со три дечиња. Голем дел од асистентите си отидоа, немаат ни кого да ни испратат. Сè останува на наставникот и дефектологот. Мислам дека треба да се подразмисли во делот околу бројот на ученици што одговара на еден асистент“, нагласи Ристовска.
Кон тоа се надоврза и специјалниот едукатор Милорад Васиќ кој рече дека еден дефектолог не може да работи со две или три деца освен ако тие се компатибилни за иста работа за да се спроведе групна активност.
На настанот присуствуваше и директорката на „Иднина“, Лорета Андреевска. Во ова посебно училиште кое го смени статутот и стана Ресурсен центар за да поддржува инклузивно образование, од следната учебна година нема да може да се запишуваат првачиња, со цел сите постепено да влезат во редовен образовен процес, без разлика на „попреченоста“.
На прашањето дали децата од редовно училиште ќе може да се префрлаат во ресурсниот центар, таа рече дека процесот зависи од Службата за функционална проценка на деца и младинци (МКФ).
„Од една страна учениците треба да се вклучат во образовниот систем, и да дадеме комплетна поддршка. Меѓутоа, од друга страна, кога имаме ученик од трето или петто одделение, доколку Службата (МКФ) препорача да посетува ресурсен центар, тогаш најверојатно ќе треба да го запишеме“, забележа Андреевска.
Ангела Бошкоска