Андриана Илиевска, Марко Андонов-Ацев и Александра Манолчева се тим од тројца млади луѓе кои прават повеќе. Тие се основачите на истоимената платформа (Направи повеќе/ Do more), преку која сите можат да донираат финансиски средства за социјално загрозени фамилии и поединци.
Идејата за domoremk.com – платформата за е-донација на храна и санитарни производи започнала да се реализира на 2 септември 2022 година, а веќе кон крајот на годината платформата била отворена за донации.
Андонов-Ацев вели дека сите сме си потребни еден на друг и треба постојано да се потсетуваме дека во животот не сме сами.
„Шетајќи по улица кога се разминуваме, забораваме дека сме едно, дека делиме исти искуства и коегзистираме. Па така, и негативните искуства и потешкотиите со кои се соочуваат луѓето околу нас – се дел од нас. Затоа, наша обврска е меѓусебно да си помагаме. Водени од желбата да направиме повеќе за тие околу нас и општеството во целина, дојдовме до идејата за НАПРАВИ ПОВЕЌЕ“, објаснува тој.
Триото за Радио МОФ вели дека важно е да се помага, бидејќи така се расте, се дава дел од себе и се шири добрина, а додаваат дека со платформата се олеснува донирањето, и тоа е дигитално, брзо и транспарентно – секој може да донира, а целта е да се вклучат што повеќе луѓе.
„Развиваме позитивни особини. Животот ни добива значење, и не живееме само за себе, туку живееме со другите. Кога помагаме, правиме добро за општеството и придонесуваме кон целокупното здравје на заедницата. Колку повеќе луѓе се вклучуваат и помагаат, толку посилно станува општеството“, вели тимот зад „Направи повеќе“.
Андонов-Ацев додава дека „Направи повеќе“ е приказна која се надева дека ќе инспирира и мотивира на промена на начинот на размислување и делување.
„Една од моите цели е да ги правам луѓето среќни, и многу сум среќен што сега имам можност. А тоа што го правам ова заедно со уште некој, прави да се чувствувам навистина инспирирано и на добар пат“, истакнува тој.
View this post on Instagram
Манолчева за себе вели дека отсекогаш била алтруист и поборник за права, особено во средини каде што владее неправдата.
„Трите најголеми неправди во светот, а сепак круцијални, се недостаток на храна, вода и топлина, и иако сите сме свесни за овие недостатоци на глобално ниво, многу често замижуваме со едно око надевајќи се дека се случуваат далеку од нас. Свесна сум дека луѓе живеат трагичен филм во нашето најблиско опкружување, и страдаат, не надевајќи се на некаква промена. Да, има надеж за квалитетен живот кај секој, а подадена рака во вистински момент може да направи чуда. Да, има луѓе кои сакаат и секојдневно се трудат за подобро утре и успеваат во тоа. Сакав да сум во првите борбени редови, дел од тие луѓе, и дел од таа надеж“, истакнува Манолчева.
Илиевска вели дека инспирацијата за платформа како „Направи повеќе“ дошла од секојдневието, додавајќи дека на медиумите нон-стоп се објавува за луѓе кои имаат потреба од помош, кои се заборавени од општеството, луѓе на кои треба да им се подаде рака за љубов и надеж.
„Идејата и мотивот ги добивме од овие луѓе, од социјално загрозените семејства кои имаат потреба за помош. Помислата дека нема да бидеме неми набљудувачи и сожалувачи беше клучна да се впуштам во оваа иницијатива. Уште поголема мотивација ни се роди кога започнавме и видовме колку среќа и насмевки носиме во домовите на многу семејства. Тие нѐ мотивираат да работиме и да се трудиме уште повеќе. Наша цел е на овие луѓе да им ја вратиме вербата и мотивот за подобро утре“, вели таа.
Хуманоста не е еднократно задоволство
Триото вели дека досега преку нивната платформа се донирани 403 пакети, односно помош во вредност од 340.000 денари, а дополнуваат дека не очекувале за толку краток период, да се соберат толку многу средства.
„Знаеме дека постојат хумани луѓе, но сепак сме изненадени од тоа како за толку кратко време успеавме да допреме до нив и да донираат пакети со храна и производи за хигиена токму преку нашата платформа. Нивната хуманост, човечност и несебичност се тоа што нѐ мотивира“, вели тимот.
Но, тие порачуваат дека секогаш може повеќе, а хуманоста треба да е животна навика, а не еднократно задоволство.
„Борбата не завршува тука. Помош и храна се потребни постојано. Помагањето како долгорочен начин на размислување и делување е најубавиот начин на живот. Доколку успееме почесто да мислиме и за другите, а поретко само на себе, ќе успееме да ја согледаме поголемата слика – дека не сме сами на оваа планета, и дека потешкотиите и проблемите на луѓето околу нас, се делови кои не се одвоени од нас. Тоа се потешкотии и проблеми кои се и наши и кои само заеднички можеме да ги победиме“, вели тимот.
Тие посочуваат дека јавноста е отворена за донации, доколку процесот е транспарентен, лесен и доколку се знае каде се донира.
„А токму тоа сега е возможно преку платформата за е-донација. Сѐ што треба да направите е да ја посетите платформата domoremk.com, да одберете семејство на кое ќе му пратите донација од храна и средства за хигиена, да ја одберете големината на пакетот кој ќе го донирате и да кликнете на ‘донирај’ за да ја завршите донацијата. Сами можеме многу, а заедно повеќе. Ајде да се потрудиме од ден на ден, секој ден, да направиме повеќе“, објаснуваат од „Направи повеќе“.
Тимот млади вели дека и понатаму ќе работат на подигнување на хуманата свест на најразлични начини.
„Се надеваме на многу нови приказни, соработки и поддршка од компании и организации кои ги делат нашите идеали за драстични промени во општеството. Секој што сака да ни помогне, може слободно да нѐ исконтактира и да нѐ поддржи“, порачуваат тие.
Ивана Смилевска