Збирката кратки раскази, „Раздавање на душата“ од авторката Цветанка Трпкова ќе биде промовирана во вторник, на 21 март, во просториите на „Јавна Соба“.
Со почеток од 19 часот, промоцијата на збирката ќе ја водат Синоличка Трпкова, Оливера Ќорвезировска и Никола Гелевски.
Збирката раскази е објавена од издавачката куќа „Темплум“, а оттаму велат дека збирката е сублимат од 17 кратки раскази, кои се зачудувачки свежи, над педесетина и повеќе години од нивното создавање.
„Цветанка Трпкова по многу нешта ќе остане запаметена во македонската култура. ‘Раздавање на душата’ претставува дел од нејзиното мошне интересно прозно творештво. Таа има издадено две збирки со кратки раскази: ‘Бележани со некој пален знак’ (1979) и ‘Големото чистење’ (1984)“, велат од „Темплум“.
Поговорот на книгата го напишан од страна на Кирил и Синоличка Трпкови.
Цветанка Трпкова, родена Секулоска, беше прилепчанка по мајка и по татко, дете на Александар Секулоски (Цане Боксерот) и Блага Пирганоска. Родена е на 21 март, првиот ден на пролетта, 1939 година. Во 1989 година загина во сообраќајна несреќа.