Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) претстојниот петок од 18 часот најавува протест пред Министерството за образование и наука (МОН) доколку, како што велат, МОН не излезе со соопштение каде потврдува ретроактивна исплата и нов анекс на договорите.
„Како што најавивме, УСС нема да го прекине притисокот врз вашата институција, столбот на општеството, се’ додека не ги обезбедите основните права и услови за секој студент. Ова соопштение се однесува на фактот дека пред неколку месеци низ целокупната јавност и на многу релевантни медиуми беше споделено дека изедначувањето на стипендиите ќе важи и за месеците до овој ден, а НЕ од денот на потпишување на договорот“, потенцираат од УСС УКИМ во јавното соопштение до МОН.
Од Студентското собрание велат дека студентите се чувствуваат излажани, изманипулирани, а односот на МОН го оценуваат како неетички и неморален.
Ваквиот револт, посочуваат тие, не произлегува само од горенаведениот проблем, туку и од ненавремената исплата на обврските на министерството спрема студентите по основ на стипендии и студентски оброк, како и се’ уште незапочнатата реконструкција на студентските домови, која, велат студентите, исто така беше ветувана.
„Доста е со ваквиот однос. Ги повикуваме СИТЕ студенти, од сите факултети, од сите градови да се приклучат на масовен протест каде повторно јавно ќе го искажеме нашето незадоволсто од вашиот однос. УГД, ИКЛО, Штул, Тетовски универзитет, FON, American, Fech, Студентски отпор и многу други, ја очекуваме вашата поддршка“, стои во соопштението.
Овојпат УСС УКИМ ги повикува и сите професори, родители, медиуми, пратеници, невладини организации и сите оние кои, како што велат, се чувствуваат потреба да се исправи оваа неправда – да се приклучат на овој протест.
„Исто така, сите оние кои ќе не’ споделите на социјалните мрежи и дадете лажна поддршка, одма ви кажуваме, нема потреба. Признаваме поддршка само на улица, рамо до рамо со секој студент. Протестот го најавуваме за во петок, со почеток во 18 часот пред МОН, до тогаш, МОН има временски рок да ја исправи оваа неправда, во спротивно ќе не’ видите на улица“, соопштуваат од УСС УКИМ.