Симеон Маркоски, Ева Аговска и Михаил Мојсоски од старт-ап организацијата „Startier“ се тројцата млади таленти кои ја изработија апликацијата „Најди Аптека“, преку која граѓаните можат едноставно и брзо да дојдат до информација за цената на лековите и медицинските производи во аптеките, како и за најблиската аптека до нив. Агенцијата Мета.мк разговараше со двајца од тричлениот тим – Симеон и Ева за нивниот успешен производ, којшто на граѓаните може да им заштеди време и пари при пронаоѓањето на соодветниот лек што го бараат.
Апликацијата najdiapteka.mk функционира на начин што по нејзиното отворање, корисникот треба да го впише единствено продуктот што го бара во полето за пребарување, по што ќе му искочи листата со цени на повеќе слични или скоро исти продукти од различни аптеки, подредени според нивната цена и локација. По овој чекор, на граѓаните им се отвора мапа, со наведени локации каде што се наоѓаат аптеките. Цените се апдејтираат по одреден временски интервал, за граѓаните да имаат увид во конкретните цени на лековите.
„Во еден кризен период забележавме дека голем дел од народот нема соодветни средства за да си ги обезбеди најосновните здравствени потреби и така се роди идејата да ги искористиме нашите вештини за да помогнеме преку проект кој би ги доближил податоците до луѓето и би ги препочил во корисни информации. Натпреварот беше повод за реализација на проектот“, вели Симон Маркоски во однос на мотивацијата за изработка на апликацијата „Најди Аптека“.
Симеон, заедно со Ева и Михаил, го формирале тричлениот тим што се пријавил на минатогодишниот „Хакатон за отворени податоци“, кој Фондацијата Метаморфозис го организираше во март 2022 година во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество. Нивното решение победи на хакатонот, по што првичната замисла се претвори во конкретна алатка што е корисна за граѓаните.
Симеон Маркоски објаснува дека во проектот работеле сите тројца, а апликацијата „Најди Аптека“ ја изработувале два месеци за да дојдат до целосната верзија. Апликацијата е наменета за македонските граѓани, со цел тие да можат лесно да се снајдат во однос на попусти и цени поврзани со лекови и здравствени помагала во аптеките лоцирани околу нив.
Ева Аговска додава дека првичниот впечаток кај граѓаните кои имаат слушнато за апликацијата е добар и се надева дека во уште поголем број тие ќе ја користат во наредниот период.
Отворените податоци – основа за изработка на апликации од помош за граѓаните
Под терминот „отворени податоци“, се подразбираат оние податоци кои се поставени во компјутерски обработлива форма, при што ваква база на податоци би била достапна за употреба на корисниците – физички или правни субјекти. „Отворените податоци“ може слободно да се користат за лични или комерцијални потреби и тие може да се анализираат, обработуваат, контекстуализираат и споделуваат без било какви технички или правни ограничувања, додека трошокот за преземање на податоците не треба да биде поголем од нивното преземање на интернет.
Тричлениот тим на „Startier“ смета дека користењето отворените податоци доведува до значајни бенефити за развој на општеството, како што се: транспарентноста, подобрувањето на услугите и ефикасноста.
„Отворените податоци влијаат и на економијата, продуктивноста, распределбата на ресурси, како и брзината на опслужување што во некои области, како, на пример, здравството, навистина може да направи драстична разлика“, вели Симеон Маркоски.
Неговата колешка Ева Аговска додава има доста голема заинтересираност од институциите на локално и национално ниво за создавање на отворени податоци, но и расте бројот на здруженија коишто го застапуваат отворањето на поголеми и побројни бази на податоци во наредниот период.
„Има заинтересираност за создавање отворени податоци, бидејќи голем дел од институциите ги нудат, но често пати не се проследени со мета податоци, и во недостаток на тоа појаснување на податоците, се случува тие да се нејасни и тешки за користење“, вели Ева Аговска.
Јавно достапните бази на податоци во отворен формат се корисни не само на програмерите во изработката на мобилни и веб-апликации кои им го олеснуваат пристапот на граѓаните до одредена услуга или производ, туку се корисни и за медиумските редакции при подготовката на истражувачки стории или визуелизации на одредени теми. Нивната употреба од граѓанскиот сектор е повеќекратна.
Симеон им порачува на младите да се проактивни во однос на користењето на отворените податоци и да го следат нивниот пример во изготвувањето продукт кој е од полза за заедницата.
„Мислам дека во нашата земја има доста достапни отворени податоци, коишто би можеле да ги искористиме и да направиме многу добри алатки коишто би помогнале на народот“, е пораката на Симеон Маркоски до младите во С.Македонија во однос на употребата на отворените податоци.