Од Платформата за родова еднаквост упатуваат остра реакција велејќи дека во секуларна држава, мислењето на Црквата е нерелевантно во креирањето на политиките за родова еднаквост.
Оттаму остро се спротивставуваат на делувањето на Македонската православна црква против донесувањето на Законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата.
„На трибината организирана во Струмица на 17 март, годинава, и пренесена од повеќе медиуми, епископот Јаков Стобиски заговара против донесувањето на Законот за родова еднаквост и против воведувањето на сеопфатно сексуално образование. Ваквото делување на црквата е антиженско, антихуманистичко и противуставно бидејќи претставува замешување на религијата во донесувањето на законите. Со ваквото делување се напаѓа уставниот поредок според кој Северна Македонија е секуларна држава, што значи дека МПЦ или која било друга верска организација не треба да се впушта во обликување на закони и политики кои не го уредуваат работењето на верските заедници“, се вели во реакцијата.
Од Платформата истакнуваат дека со ваквото делување МПЦ уште повеќе се етаблира како организација која шири мизогинија и се залага за зачувување и реафирмирање на подредената улога на жената во општеството.
„Епископот оди дотаму што го оспорува самиот термин родова еднаквост! Оттука, логично произлегува заклучокот дека според црквата мажите и жените не се еднакви, па не треба да се донесуваат закони кои ја гарантираат нивната еднаквост“, посочуваат од Платформата.
Оттаму дополнуваат дека идејата дека жените и мажите не се еднакви е во коренот на тврдењето дека борбата за родова еднаквост претставува наметнување на идеологија, наместо природно и уставно гарантирано право на секој човек.
„Идејата дека родот и полот се бинарни и дека, според тоа, луѓето припаѓаат само на една или на друга категорија (маж или жена), е основата врз која се гради идејата за родова нееднаквост, за дијаметралната спротивност на мажите и жените и за централната улога на мажот во општеството – наспроти помошната улога на жената која се дефинира преку репродуктивната функција“, се вели во реакцијата.
Од Платформата велат дека Црквата не го прави ова без интерес, дополнувајќи дека афирмирањето и зачувувањето на шовинистичките вредности според кои жените им се подредени на мажите, ѝ овозможуваат на Црквата да ја зацврстува својата политичка и економска моќ, преку ширење религиозни догми, манипулација со стравовите на луѓето и контролирање на политичкиот дискурс.
Тие предупредуваат дека делувањето на МПЦ е загрижувачко и опасно за целото општество.
„На човештвото му требаа векови за да се ослободи од политичката моќ на клерот кој владееше преку насилство и корупција, вртоглаво богатење на црковните лидери, одржување на моќта преку догми и прогонување на неистомислениците. Кога Црквата си зема за право да се вмешува во одлучувањето за донесување закони, тоа секогаш значи заговарање на решенија кои нејзе ќе ѝ донесат повеќе моќ, наспроти интересите на граѓаните за градење општества во кои се почитуваат еднаквоста и социјалната правда“, велат од Платформата.
Оттаму истакнуваат дека религиозниот фундаментализам против родовата еднаквост во демократско општество мора да се ограничи за да може да се гарантираат правата на сите граѓани, дополнувајќи дека жените, мажите, трансродовите луѓе, луѓето со различни родови идентитети не се идеологија, туку луѓе чии права мора да се гарантираат и соодветно да се заштитат.
Од Платформата за родова еднаквост најостро го осудуваат и настапот на Венко Андоновски, за кој што велат дека чиешто учество несомнено било во улога на верник, а не на универзитетски професор кој нема никаква експертиза во областа на родовата еднаквост.
Оттаму најостро го осудуваат и учеството на избрани претставници во локалната самоуправа и Советот на Градот Струмица, кое го оценуваат како скандалозно, бидејќи со своето присуство му дале легитмитет на форумот како база за линчување на активистки и неистомисленци и за поттикнување на омраза, со што се загрозува не само личната безбедност туку и безбедноста и интегритетот на граѓанските организации кои работат на промоција на родовата еднаквост и демократизацијата на државата во процесот на пристапување кон ЕУ.
„Од една страна, централната власт предводена од СДСМ се обврза да работи на промоција и унапредување на родовата еднаквост и да ја приближи земјата кон стандардите на ЕУ, а од друга, локалната власт во Струмица предводена од истата партија учествува во организирање настани на кои се линчуваат активистки и организации за родова еднаквост и се шират лажни информации“, се вели во реакцијата.
Истовремено, во реакцијата се вели дека феминистичкото движење во Македонија, жените и женските организации со години застапуваат донесување на законодавство кое ќе овозможи воспоставување на суштествена родова еднаквост, кон што треба да придонесе и Нацрт-законот за родова еднаквост.
„Воведувањето на сеопфатното сексуално образование кое се темели на принципите на човековите права, наука базирана на докази, инклузивност и недискриминација, меѓудругото, е и мерка за остварување на родовата еднаквост за која треба да се зборува со децата и младите уште во најраните години на нивното образование“, велат тие.
Од Платформата за родова еднаквост бараат Законот за родова еднаквост да се донесе во најкус можен рок, со поддршка од пратенички и пратеници од сите политички партии со што ќе се постигне широк политички консензус за подобрување на еднаквоста и индивидуалните човекови слободи.