Дигитализацијата на високобразовните институции повеќе не е прашање на потреба, туку е неопходност за квалитетен образовен процес, а универзитетите мора да вложуваат во постојано унапредување на дигитализација на системите и во обука на соодветен кадар. Државата треба целосно да го поддржи овој процес, вклучително и со развој на стратегии со кои ќе ги задржи младите кои се образуваат за ИТ професии кои се дефицитарни – ова се дел од заклучоците од дебатата „Дигитални реформи за современо високо образование – младински перспективи“.
Учесниците на дебатата констатираа и дека на универзитетите е неопходно и подмладување на кадарот кој ќе го понесе товарот на дигитализацијата.
За потребите на оваа иницијатива на трите Универзитети: „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, беше спроведена и Анализа за дигитализација на услугите во високо образование.
Анализата меѓу другото покажа и дека на универзитетите недостасуваат сеопфатни дигитални платформи и лиценцирани апликации кои редовно ќе се ажурираат, недостасува и дигитален пристап до научни извори и публикации, како и дека студентите повеќе сакаат хибридна настава, додека професорите претпочитаат настава во живо.
Поддршка за брза потреба од дигитализација во интерес на студентите побараа и Арта Ќерими, Александар Трајановски, заменик-градоначалник на град Скопје, Славчо Темелковски, претседател на Универзитетско студентско Собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Демир Демири, претседател на Студентскиот парламент при ЈИЕ Универзитетот, Сара Денковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“, како и Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
„Потребна е поддршка за младите кои ги иницираат ваквите процеси и поголем слух од институциите за нашите барања, потреби и заложби“, потенцираше Ќерими.
Своите искуства од процесот на дигитализација на нивните факултети на дебатата ги споделија Христина Спасевска, проректорка за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Џемал Зенуни, декан на Факултет за современи науки и технологии при ЈИЕ Универзитетот – Тетово и Зденка Стојановска, проректорка за наука при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
„Дигитализацијата не бара само да го купите софтверот, туку бара стручен и обучен кадар. Мора да го одржувате. Тешко ни е да задржиме ИТ кадар со плати на администрација. Дополнително овој систем на УКИМ го развиваме сами со сопствени ресурси, но свесни сме дека овие алатки мора постојано да се надополнуваат и менуваат. Ако во високото образование не изградиме одржлив концепт на унапредување на дигитализацијата нема да стасаме никаде, ниту ќе напредуваме“ нагласи Спасевска.
Проректорката на УГД „Гоце Делчев“ додаде дека „државата паралелно мора да развива национална стратегија за дефицитарни кадри и професии како ИТ или веб дизајн.
„Ако имаме опрема, а немаме кадар кој да ја спроведува дигитализацијата никаде нема да стасаме. Мора овие стратегии паралелно да следат, од тоа ќе има придобивки за целиот образовен систем“, потенцираше Стојановска.
Дебатата беше во организација на Институтот за напредно политичко лидерство (АЛПИ), поддржан од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).