[Инфографик] Извештаите за загадувањето на скопскиот воздух преполни со недостатоци

Квалитетот на воздухот на мерните станици Центар и Карпош е непознат за февруари 2023 година во делот на најопасните ПМ-2.5 честички, бидејќи во редовниот месечен извештај воопшто нема податоци за тоа, колкаво било присуството на овие загадувачки супстанци во скопскиот воздух. Случајно или не, податоците се неверодостојни и за традиционално најзагадената локација во Скопје – мерното место Лисиче. Во месечниот извештај за мерењето на аерозагадувањето за Лисиче, има идентични мерења кај ПМ-10 и ПМ-2.5 честичките за целиот изминат месец, што е невозможно да се случи, пишува Мета.

Ова се дел од недостатоците од последниот извештај за мерењето на квалитетот на воздухот во земјава за февруари 2023 година, што е објавен на веб страницата air.moepp.gov.mk преку која се објавуваат податоците добиени од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мета.мк минатата недела веќе пишуваше дека месечните и годишните извештаи за аерозагадување се недостапни, а четврти месец нецелосната функционалност на овој сајт Министерството за животна средина и просторно планирање ја оправдува со менување на серверската опрема.

Податоците што можат да се најдат во месечниот извештај за февруари 2023 година покажуваат дека сме имале позагаден воздух во однос на ПМ-10 честичките во споредба со истиот месец од 2022 година. Дури 22 дена од февруари, на мерната станица во Лисиче било надминато максималното дозволено загадување од 50 микрограми ПМ-10 на метар кубен. Веднаш по Лисиче, следи мерната станица во Центар, каде што 21 ден од минатиот месец имало надминување на граничната вредност на ПМ-10 честички во воздухот.

Во текот на 19 дена од февруари, на мерната станица Ректорат било регистрирано надминување на дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички во воздухот. Големо загадување со ПМ-10 честички имало и 17 дена на мерната станица во Гази Баба, како и 13 дена во Карпош од вториот месец во годинава.

Најдрастично било загадувањето со ПМ-10 честичките на 16, 17, 18 и 19 февруари, кога на некои од мерните станици во главниот град биле измерени и двојно повисоки концентрации на овие честички над максимално дозволената гранична концентрација од 50 микрограми на метар кубен.

Во делот на ПМ-2.5 честичките, во месечниот извештај на Министерството за животна средина и просторно планирање не се објавени податоците за мерните станици Центар и Карпош. Сепак, мерењата од другите локации покажуваат дека скопјани и во вториот месец од годинава дишеле опасен воздух.

Максимално дозволена гранична вредност на ПМ-2.5 честички за 24 часа е 25 микрограми на метар кубен. Според податоците од месечниот извештај, дури 23 дена од февруари 2023 година имало надминување на ваквата дозволена вредност на присуство на ПМ-2.5 честички во воздухот на мерната станица во Гази Баба. Кај Ректорат, минатиот месец имало 22 дена кога имало големо аерозагадување со овие загадувачки супстанци.

И на двете мерни станици, имало денови, каков што е случајот со 11 февруари 2023 година, кога присуството на ПМ-2.5 честички во воздухот било речиси четири пати над дозволените граници. Овие податоци укажуваат на големо аерозагадување во главниот град.

Мета.мк веќе пишуваше дека квалитетот на воздухот во Скопје во изминатава зима бил исклучително лош, како во текот на јануари 2023 година, така и во декември 2022 година. Анализата за последниот месец минатата година потврди дека загаденоста на воздухот во Скопје била поголема во споредба со декември 2021 година. Од друга страна, мерењата годинава покажуваат дека мерната станица во Центар опасно се приближува до Лисиче според степенот на загаденост на воздухот.

Ваквиот степен на загаденост на воздухот за изминатава сезона доаѓа во период на исклучително топла зима годинава. По долги години, Скопје за првпат годинешнава зима немаше ниту еден ден со снежна покривка, односно зимава што изминува ги немаше вообичаените ниски температури под нула целзиусови степени.

Мета