Медиуми „пропаднаа“ во стара дупка на плоштадот „Македонија“

„Пак пропадна камион во фонтаната на Плоштад Македонија“ и „Плоштадот Македонија повторно настрада од камион“ се дел од насловите на македонски медиуми, телевизии и портали, кои денес претпладнево побрзаа да јават за уште една „несреќа“ на централниот скопски плоштад.

Но, фотографијата со пропаднатиот камион е од лани, 23 ноември, кога последен пат возило влета и по петти пат пропадна кај контроверзната фонтана. Старата фотографија беше постирана како актуелен случај на Фејсбук-групата „Ѕид на сообраќајниот срам“, а оттаму почна да се шири по медиумите. Дел од нив ја увидоа грешката и ја тргнаа објавата.

Старата фотографија што се шири по социјалните мрежи и медиумите

Дека се работи за стара слика покажува ситуацијата на терен, каде на фонтаната веќе одамна стои само црвено-белата сигнализација:

Фото: Радио МОФ

Фото: Радио МОФ

Инаку, при чистење на површината, специјализирано комбе-чистач во 2016 година за прв пат пропадна во тогаш реконструираниот плоштад, меѓу „Воинот на коњ“ и Камениот мост, каде претходно беше промовирана т.н. „сува фонтана“ со 128 прскалки. Ваквата летна атракција чинеше 2.5 милиони евра и беше дел од новитетите на „Скопје 2014“.

Потоа во јуни 2017, пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на „Вардар“ по освоената титула европски прваци. Се работеше за камион сопственост на МВР, предвиден за просторот пред и околу бината. Град Скопје тогаш реагираше на јавните осуди, тврдејќи дека се работи за површинска фонтана градена според сите стандарди, со вкопано армирано-бетонско корито.

Машина за чистење пропадна на локацијата и во март 2021. Машината се преврте и направи огромна дупка на плочникот, а минатата градска власт велеше дека случајот е резултат на неквалитетна градба.

Во ланската година се случија две вакви „несреќи“. Првата во август, кога камион без дозвола влезе и пропадна на плоштадот, пак на просторот на фамозната партерна фонтана. Градот Скопје го осуди овој чин. Најави законски мерки, инспекциски надзор и санкции.

Втората ланска „несреќа“ е од 23 ноември, токму онаа што медиумите репризно ја објавија дека се случила денес. Тогаш во централниот плоштад влета товарно возило „фиат“ со турски таблички. МВР тврдеше дека возачот имал дозвола за влез за да снима емисија пред Камени мост, додека Град Скопје држеше став дека сообраќајот за камионот бил неовластен.

Бојан Шашевски и Мартин Колоски