Група француски јазични активисти покренаа тужба против градот Париз поради тоа што информативните знаци во катедралата Нотр Дам се преведени само на англиски јазик.
Организацијата, која доби сличен судски спор против Ајфеловата кула, тврди дека тоа што ваквите знаци немаат превод на друг странски јазик води кон глобална доминација на англискиот.
Луи Масонев, порпаролот на организацијата „Одбрана на францускиот јазик“ (Défense de la langue française), вели дека тужбата била поднесена до судот во Париз во понеделникот, на Меѓународниот ден на франкофонијата.
Активистите генерално се спротивставуваат на користењето англиски зборови и терминологија во француските документи, комуникација, знаци и реклами. Тие велат дека знаците на Нотр Дам и другите јавни објекти се во спротивност со регулатива од 1994 година со која се наложува сите јавни објекти да ги преведуваат знаците и информациите на најмалку два странски јазици.
„Регулативата ги штити Французите бидејќи промовира јазичен плурализам“, вели Масонев за АФП, пренесе Гардијан.
Познат како Тубонов закон, оваа регулатива од 1994 година наложува користење на францускиот јазик во официјалните владини публикации, сите видови рекламирање, на работните места, комерцијалните документи и во сите државни училишта. Истовремено законот наложува и „двоен превод“ на јавните знаци и превод на официјалните документи на два странски јазици – вообичаено англиски и уште еден, со цел да се промовира мултијазичност.
Активистите велат дека информативните табли на кои се напишани информации за поправката на катедралата која имаше големи штети во пожарот кој ја зафати во 2019 година, биле напишани само на француски и англиски. Во тужбата како одговорен е посочен Жан Луј Горжелин, кој од Министерството за култура беше назначен да менаџира со работите за репарирање на објектот.
Оваа организација претходно изврши притисок на градските власти да додадат шпански превод на сите информативни знаци на Ајфеловата кула минатата година, а истовремено имаат поднесено приговори за 20 други јавни објекти и институции поради нивното несоодветно користење само на францускиот и англискиот јазик во нивна комуникација со јавноста.