Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Судиска грешка“ од Мартин Миљев. Расказот доби пофалба на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.
Конкурсот беше за прв пат беше распишан во 2022 година, а во 2023 објавени беа добитниците на трите наградени раскази, како и три млади автори кои добија пофалба. Во следниот период, преку #РаскажиМи, ќе ги објавиме пофалените и наградените раскази.
Судиска грешка
„Исак, изгледаш како некое несмасно прасе!“ нервозно ме прекорува татко ми. Денеска е празник вели, зарем мораше и денеска во најновите алишта да скокаш по таа каллива топка? Сестра ми се поткрева од креветчето и нешто гука, како и таа да се смее на мојата несмасност. За моја среќа, мајка ми е празнично расположена, ми ја соблекува валканата облека и ме носи во бањата. „Несмасно прасенце“, вели и ме гали по косата со раката која ѝ мириса на марципан, ми ги покрива очите и ми ја навалува главата наназад за сапуницата да не ми ги испече очите. Знае дека најмногу го мразам тоа. Ја чувствувам топлата вода и сапуницата како ми течат по телото, мижам и чувствувам како животот бргу ми поминува како на филмска лента, а толку многу би сакал да запреше овде.
Ги отворам очите и сега сум на дождливиот терен, целото лице ми е покриено со кал, но морам да го одбранам овој удар, бидејќи така ќе оствариме победа. Противничкиот играч шутира и во целата мешаница го погодува нашиот одбранбен играч во грбот, ја фаќам топката и легнувам на земја, но гласниот судиски свиреж бргу ме буди од занесот. Свири пенал и покажува кон белата точка, никој не може да поверува што се случува. Ова е кражба, ова е судиска грешка! Давид трча накај мене, ме држи за глава и вели: „Исак, мораш да го одбраниш ова, немаме победа пет натпревари, веќе почнуваат да ни се смеат!“
Се гледаме како двајца револверисти, како во двобој за одбрана на љубов и чест. Ова е најважната одбрана во мојот живот.
Сите во публиката гласно извикуваат: „Исак! Исак! Исак!“ Срцето ќе ми прсне од возбуда. Ја прочитав неговата намера, но топката само ми ги допре прстите и заврши зад мојот грб. Толку… си велам, Исак, можеби и не си создаден за големи нешта. Можеби твојата ѕвезда воопшто не е среќна, можеби само е смешна. Не можев да зборувам цел ден, влегов во бањата да го измијам поразот и судиската грешка, замижав за сапуницата да не ми влезе во очи, најмногу го мразам тоа. Мижам и чувствувам како животот бргу поминува како на филмска лента, но ова би сакал бргу да одлета, до некои многу посреќни денови.
Надвор беше март, како што секогаш е март кога нешто лошо треба да се случи. Воздухот одамна мириса на неправда и судиски грешки. Злото се шири побргу од секоја зараза, планетата Земја е 29% омраза и 71% валкана и крвава вода.
Окупаторската чизма ги гази сите цветови што ги негувавме со љубов и соживот, соседите се плашат да зборуваат со нас. Се гледам во огледалото и не гледам никаков ѕвер, никаква наказа. Што е она што го носиме во крвта, што толку сакаат да ни го пролеат? Зарем нашите солзи се помалку солени? Се гледам во огледалото и гледам повредено и уплашено животно, никаков ѕвер. Зелените терени по кои скокав, за да ја зачувам нашата чест, сега се користат за воени вежби. Голманските ракавици можеби треба да ги искористам за мешање малтер за да изградам огромен ѕид. Ѕид што ќе нè заштити од злото што го покри и небото со своите црнила, но тоа е лукаво, тоа секогаш знае да се протне низ сите пукнатини.
Што може твојот ѕид, Исак, против целото зло, колку можат твоите голмански рефлекси да ги фатат сите испукани куршуми на светот? Зошто пушките што се толку тешки за носење се уште потешки да се остават на земја? Фудбалот е игра во која помалите можат да ги победат поголемите, тоа знаело да се случи, но во војната не… таму Голијат секогаш го убива Давид. Во фудбалот, дресот е она преку кое се разликуваме, но на крајот на натпреварот тој се соблекува и се разменува со противникот, во војната – не. Дресовите што општеството ни ги облекува не се разменуваат, тие како да се сошиени за нашите тела.
11 март дојде бргу како силно шутната топка, како ѕверски испукан куршум. Окупаторот нè разбуди без кафе и топло млеко, без бакнеж и мирис од потпечено лепче. Нè разбуди маршот од чизмите што насилно ги уриваа нашите врати, кршењето на прозорците од нивните кундаци, плачот, стравот и рафалите кон оние што даваа отпор. Од мојот нос течеа млазови крв како од селска чешма, бидејќи се борев да ја заштитам сестра ми. И со крвав нос, гледајќи се во огледалото, не успеав да видам ѕвер, не успеав да ја видам грешката во лицето, во името, во крвта. Тие, ете, некако успеваа да го видат тоа во нас.
Отпорот беше залуден, за кратко време веќе сите бевме спремни за депортација. Татко ми успеа да ги земе клучевите од нашата куќа, како да се надеваше дека ќе се врати еднаш.
Бодликавите жици и големиот број луѓе и војници значеа дека нема враќање назад. Пред да стигнеме до портите, ѝ шепотам на сестра ми: „Се сеќаваш кога игравте брканица, никогаш не успеваа да те фатат, мораш да трчаш и сега, без да се вртиш назад“.
Ѝ реков сега! и нејзините брзи нозе почнаа да трчаат накај непознатиот град. Сето ова го изненади војникот задолжен за нашата колона, па кога ја извади пушката нашите погледи се сретнаа како на двајца револверисти… ова е најважната одбрана во мојот живот!
Куршумот ми го бакнува вратот, како што никогаш ниедна девојка не успеа да го бакне. Паѓам на земја и гледам како залудно пукаат. Сестра ми веќе соборуваше олимписки рекорди, побрза е и од нивните истрели.
Лежам и се смеам на нивната немоќ, очите полека се гаснат, слушам: „Исак! Исак! Исак!“ Меѓу пискотниците и многуте истрели ја слушам и мајка ми, вели: „Несмасно прасенце“, ме гали по косата и ми ја соблекува крвавата облека. Рацете ѝ мирисаат на марципан, смртта мириса на безгрижно детство. Ми ги покрива очите, мижам и чувствувам како овде ми завршува филмската лента. Најдобро е да заврши овде, заедно со сите судиски и судбински грешки.
***
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.