Претседателот Стево Пендаровски синоќа го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој се предвидува лицата осудени за кривичните дела „Пренесување на заразна болест“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, за време на пандемијата од Ковид-19, паричната казна или казната затвор да им се замени со алтернативна мерка условна осуда.
Минатиот месец од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) апелираа итно да се донесе Законот за амнестија, бидејќи тој е важен за лицата од ранливите категории, кои се осудени за кривичните дела „Пренесување заразна болест“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
Во апелот беше истакнато дека од почетокот на вонредната состојба до октомври 2022 година во Основниот кривичен суд Скопје имало 280 неплатени парични казни, кои биле заменети со казна затвор, а 205 осудени лица добиле упатни акти да издржуваат казна затвор.
Оттаму посочија дека голем дел од осудените лица не ги обжалиле пресудите од причина што не ги примиле или пак биле неуки во однос на нивното право да вложат приговор до надлежниот суд.
„Здруженијата на граѓани кои обезбедуваат бесплатна правна помош во текот на својата работа нотираа голем број на случаи на граѓани особено лица во социјален ризик, самохрани мајки, лица со попреченост, бездомници кои се соочуваат со затворски казни поради немање на средства да ги платат паричните казни“, се велеше во тогашниот апел на Комитетот и МЗМП.
„Во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година се осудени 1.223 лица на парична казна од по 123.000 денари. Согласно законските прописи доколку во рок од 2 години изречените парични казни не се намират, судијата за извршување на санкции со решение ги заменува со казна затвор. Заради неплаќање на паричната казна Основниот кривичен суд има донесено заменски решенија со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор“, велат од Кабинетот.
Оттаму информираат дека согласно овој закон, лицата чија парична казна изнесува над 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од три години, додека оние лица што чија парична казна изнесува до 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор ќе добијат условна осуда од две години, рок во кој не смеат да сторат ново кривично дело.
Дополнително, по три, односно две години условна осуда ќе добијат и лицата што отплатиле дел од паричната казна над 1.000 и до 1.000 евра, со што се ослободуваат од плаќањето на останатиот дел од паричната казна, доколку не сторат ново кривично дело.
Од Кабинетот дополнуваат дека со законот не се предвидува амнестија за правни лица и одговорните лица во правни лица осудени со правосилна пресуда на парична казна, за кривичните дела „Пренесување на заразна болест“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.