Книгата на Наташа Диденко – „Ѓорѓи Доневски – доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“, ќе биде промовирана во Културно Информативниот центар (КИЦ) на 3 април, понеделник.
Со почеток од 19 часот во Салон 19:19, промоцијата ќе ја водат Билјана Ристовска-Јосифовска и Мишо Китановски.
Тие се јавуваат и како рецензенти на книгата, а додаваат дека делото претставува прво монографско претставување на придонесот на Ѓорѓи Доневски во откривањето, запишувањето, негувањето и презентирањето на богатото фолклорно творештво на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
„Авторката на книгата ни открива дека творечкиот истражувачки потфат на Ѓорѓи Доневски, кој го започнал во 70-тите години на XX век, е од исклучително значење за македонската фолклористика, етномузикологија и културна историја, бидејќи на македонската научна и стручна јавност за прв пат ѝ ја открива вредноста и автентичноста на ова неизмерно богато музичко и фолклорно наследство на македонскиот народ“, пишуваат Ристовска-Јосифовска и Китановски.