„Драмите, трагедиите, не треба да се одвиваат на ниедно друго место, освен на театарската сцена. Затоа, кажете им не! на тие што прават светот да крвари; бидејќи секое наше противење се брои“, вели актерката Теута Ајдини-Јегени, авторка на националната порака од Македонија, по повод денешниот Светски ден на театарот, 27 март.
Ајдини-Јегени е првенка на Албанскиот театар која зад себе има триесетина театарски претстави на матичната сцена како и во Националниот театар во Косово и во независни продукции. Досега има играно и во десетина играни филмови и телевизиски серии, а ја толкуваше и главната улога во „Вера сонува за морето“.
На покана од Македонскиот центар на Интернационален театарски институт во годинешната порака за Светскиот ден на театарот, таа пишува: „Се сетив на една мисла која ја прочитав некаде, а која вели дека е невозможно за театарот да зборуваш спокојно. И мислам дека тоа е највистинскиот одговор на прашањето ‘што е за тебе театарот?’, посебно за некој којшто е со театарот буквално од кога знае за себе; некој кој што растел и старее со него. Накратко, јас не можам мирно и ладнокрвно да речам „знаете, театарот за мене е…“ тоа и тоа… Не можам, затоа што тоа прашање за мене е исто како да ме прашате „што е за тебе животот“? Дури и повеќе од тоа – како да ме прашате „што е за тебе љубовта“? Љубов! Тоа е вистинскиот збор за театарот – кој ми доаѓа на ум кога мислам на театарот, кога сум во него, на сцената, во публиката, додека ја подготвувам улогата… А чувствата – е, тие не можат да се опишат така лесно со зборови… тука се испреплетени и срцето и душата, и умот и телото, тука се и потта и солзите, и смеата и лутината, и болката и радоста… Тоа е, сигурна сум, она што му се случува на секој театарски деец, затоа што без тие чувства не секој еден учесник во создавањето на идниот живот на една претстава, не ќе може да ја пренесе драмската магија до публиката. Секој еден од нас кој работи и живее со театарот, ја има таа љубов во себе.
Но, да не должам со емоциите…
Да ги оставиме драмите да се играат на театарските штици, во костуми, со сценографија, кореографија, под рефлекторите на сцена, со музика… со сето она што ја создава театарската магија пред театарската публика. Нека се смее таа публика, нека се замисли и загрижи, па и нека заплаче… но нека заплаче за судбините на Антигона и Офелија, за оние трагични ликови, кои ние актерите и другите театарски дејци им ги пренесуваме на сцена, од делата на драмските уметници… Да ги отстраниме драмите од нашето секојдневие, од улиците, градовите, селата, каде што поради болните амбиции на некои ликови со моќ и диктаторски амбиции; терористи, екстремисти и манипулатори со верските и етничките чувства, страдаат нечии деца, браќа и сестри, родители, љубени, блиски, соседи, сограѓани, сонародници… луѓе од крв и месо. Драмите, трагедиите, не треба да се одвиваат на ниедно друго место, освен на театарската сцена. Затоа, кажете им не! на тие што прават светот да крвари; бидејќи секое наше противење се брои.
И, се разбира: повелете во театар.“.
Автор на светската порака за Денот на театарот е египетската театарска, филмска и телевизиска актерка, Самиха Ајуб.
„Нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓу себе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе оддалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас. И покрај тоа што сме изложени на современиот начин на размена на вести и пренос на информации и комуникации кои ги кршат сите географски бариери, напротив светот сведочи конфликт кои ги надминува границите на логичката перцепција и креира, одразува очигледно зближување. Сепак фундаменталното разидување не дистанцира сите нас од есенцијалното во хуманоста – од едноставната суштинска форма. Театарот во својата суштина е чист и хуман акт кој базира на есенцијалното хумано, а тоа е животот. Со зборовите на големиот Константин Станиславски, ‘Никогаш не доаѓај во театар со кал на чевлите. Остави ја прашината и валканоста надвор. Преиспитај си ги своите мали грижи, караници, проблеми и остави ги на закачалка како твојот капут – сите работи кои ти го уништуваат животот и ти го усмеруваат вниманието далеку од уметноста – таму кај вратата.’ Кога се качуваме на сцената, се качуваме само со еден живот во нас, оној на човечкото битие, но токму овој живот има способност да се подели и репродуцира претворајќи се во многу други животи кои ние ги изведуваме на сцената, пред светот, ги оживуваме, тие цветаат и се шират како парфем кои допира до другите“, пишува Ајуб.
Во целосната порака таа додава: „Тоа што ние го правиме во театарот како драмски автори, режисери, актери, сценографи, поети, музичари, кореографи и техничари, сите ние без исклучок сме во чинот на создавањето живот кој не постоел пред да стапнеме на сцената. Овој живот заслужува грижа и рамо на љубовта кое ќе го прегрне, љубезно срце кое симпатизира, и трезен ум кој го овозможува тоа, кој овозможува континуитет и опстој. Не претерувам кога велам дека нашиот акт на сцената е акт на животот, генериран од ништо; како килибар кој свети во темнината, осветлувајќи ја темнината и затоплувајќи го студенилото. Ние сме тие кои на тој живот му го овозможуваме неговиот сјај. Ние сме тие кои го отелотворуваат тоа. Ние сме тие кои го прават вибрантен и со смисла. И ние сме тие кои ја создаваат причината тоа да се разбере. Ние сме тие кои ја користат светлината на уметноста за конфронтирање со темнината на игнорирањето и не знаењето. Ние сме тие кои ја прегрнуваат доктрината на животот, за животот да може да се шири во овој свет. Затоа ние ги издигаме нашите заложби, време, солзи, крв и нерви, се’ што треба да направиме со цел да ја пренесеме ваквата силна порака, бранејќи ги вредностите на вистината, добрината и убавината, навистина верувајќи дека животот заслужува да се живее“.
Инаку, вечерва во Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Само глас“ за што под мотото „Слободно влезете во светот на МНТ“ оттаму информираат дека влезот ќе биде бесплатен.