Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е најпопуларен на Фејсбук, министерот за надворешни работи Бујар Османи на Твитер, а вицепремиерот Артан Груби на Инстаграм според бројот на следбеници кои го имаат на социјалните мрежи.
На Фејсбук има „борба“ за второто место според популарноста, кое во моментов го држи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, додека блиску зад него се премиерот Димитар Ковачевски и министерот Османи.
Фејсбук е најатрактивната социјална мрежа помеѓу членовите на македонската Влада. Од вкупно 21 владин функционер, 20 имаат профили на оваа социјална мрежа, додека Инстаграм е втора по популарност и таму може да се најдат 17 членови на Владата. Најмалку од нив се на Твитер, каде профили имаат само 13 владини функционери.
Интересно е што за првпат последнава деценија премиерот на Владата не е најпопуларен на социјалните мрежи. Ковачевски е на третото место според бројот на следбеници на Фејсбук и Твитер и дури на петтото место на Инстаграм.
Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, пак, е единствениот министер кој нема профил на ниту една од овие три социјални мрежи.
ТикТок како платформа активно ја употребуваат само вицепремиерот Артан Груби, кој има 7.165 следбеници и Бујар Османи со 6.492 следбеници.
Сите информации погледнете ги на инфографикот во продолжение:
Даниел Евросимоски