Во 2022 година на македонските универзитети звањето доктор на науки го стекнале 197 лица, додека звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.883 лица, покажаа најновите податоци на Државниот завод за статистика.
31% од лицата докторирале во здравството и социјалната заштита, 17.8% во бизнисот, администрацијата и правото, а потоа следат општествените науки, новинарството и информирањето со 10.2%, уметноста и хуманистичките науки со 9.1%. Најмногу лица станале доктори по медицина (46), а во првите три области се уште и правото (13) и развој и анализа на софтвер и апликации (11).
Речиси идентичен е бројот на мажи и жени кои се стекнале со докторска титула минатата година. 64 лица (32,5%) кои докторирале се странски државјани, а бројот на доктори на науки се намалил за 2% во споредба со 2021.
Малку поголем пад има кај бројот на лица кои се стекнале со звање магистер на науки и специјалист, кој во споредба со 2021 година се намалил за 4,7%. Најголем број од магистерските трудови, 38.4% односно 611 трудови, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 18.5%, односно 294 трудови, се од областа на инженерството, производството и градежништвото, по што следат општествените науки со 15.1% или 240 трудови.
Далеку повеќе жени, 61,3%, се стекнале со научен степен магистер на науки минатата година. Вкупно 176 лица (11%) кои магистрирале биле странски државјани.