Младите не се група за којашто од 15 до 29 години е важно само да бидат во образовен процес и да бидат вработени, постојат и други важни сегменти од нивното живеење без кои може да дојде до социјално исклучување. Во моментов има разни социјални сервиси за намалување на невработеност, помош за самостојно домување, подобрување на студентскиот стандард. Но овие социјални услуги не се усогласени и поради тоа не се знае кој сервис колку им помага на младите, а со тоа и колку влијае за намалување на сиромаштијата.
За Билјана Дуковска од Македонската платформата против сиромаштија причина за ова е немањето на клучен документ, односно рамка, со што ќе се внимава каква е состојбата со сиромашните млади во Македонија како и другите социјално ранливи групи граѓани.
Национална стратегија за намалување на сиромаштија и социјална исклученост нема веќе три години откако истече претходната донесена за периодот 2010-2020 година. Според Дуковска, ваков стратешки документ е потребен за да служи како план за унапредување на животниот стандард на сите луѓе со чекори кои ќе може да се евалуираат, следат, мерат и проверуваат.
„Ако ние ги гледаме младите во бројки, може да ја намалиме бројката на невработени, меѓутоа тоа не значи дека се вработиле оние на коишто им било најпотребно вработување. Ако видиме дека дел од младите во приход напредуваат побрзо од други млади, треба да видиме каде е проблемот кај овие други млади. Мора сегментацијата да постои, мора да има различни политики за различни целни групи и мора да има мерливи индикатори – тоа е она што треба да го донесе новата стратегија за намалување на сиромаштијата и за младите и за останатите ранливи категории“, смета Дуковска.
Новата стратегија, вели таа, треба да има поконкретни чекори и да биде поедноставна од претходната со цел да вроди резултати. Покрај тоа во нејзино креирање треба да бидат вклучени и самите млади за да се таргетираат нивните потреби, а за тоа значаен придонес имаат локалните самоуправи кои се блиску до младите и младинските организации.
„Младинските организации се составени од млади луѓе кои во прво лице еднина јасно треба да кажуваат за себе кои се нивните потреби. Од една страна тие треба да бидат доволно искрени и свесни за што сè сиромаштијата носи со себе, дали е секогаш видлива, дали стигмата и дискриминацијата ѝ се другари и дали со молчење работите може да се поправат. Локалните самоуправи од друга страна, се оние што треба да дадат доволно простор на организациите и на младите кои не се дел од нив за да може да одговорат на нивните потреби. Тие најдобро знаат дали на младите им треба зајакнување на вработувањето или социјален клуб во кој ќе си ги остваруваат нивните културни и социјални права“, забележува таа.
Покрај тоа, додава Дуковска, социјалната и здравствена заштита, младинскиот стандард, сиромаштијата – сето тоа треба да биде во една рамка.
„За да видиме до каде сме како држава, каде сакаме да одиме, со кого прво ќе одиме, кој ни е најранлив, за кого нема друго чаре освен да зголемиме финансиска помош на кого ќе му обезбедиме работно место за да не ни избега од државата“, посочува таа.
За сиромаштијата сè уште се зборува тивко меѓу младите
Млади во социјален ризик, во несоодветна економска положба или млади од семејства со помалку можности, ранливи млади кои се соочуваат со некоја ранливост – хендикеп или ментално здравје. Ова, посочува Дуковска се теми кои се допираат, но никогаш не се клучни во дискусиите на младинските организации.
„Долги години наназад имав чувство дека младинските организации се организирани само на три теми: образование, спорт и култура. Во последниве години гледам дека вработувањето како што снема пари стана многу важен сегмент, меѓутоа сè уште многу малку од нив го прават тоа. Не сум сретнала такво здружение чиј фокус е социјалната заштита односно каде превенирањето од сиромаштија е во фокусот“, објаснува Дуковска.
Додава дека тоа треба да се иницира што повеќе бидејќи самите млади нема да дојдат со предлози како да излезат од ситуацијата.
„Затоа што кај сиромаштијата и социјалната исклученост има феномен – луѓето не се здружуваат и не се организираат и е многу тешко ако вие не им направите овозможувачка околина да ги мотивирате да зборуваат, дека тие навистина ќе зборуваат“, посочува таа.
[Мегафон] Дуковска: Младите не сакаат да зборат за себе како за сиромашни – нема кој да ги слушне
Структурата на сиромашните лица не е хомогена
„Сиромаштијата е состојба – не ве дефинира како личност туку е сегмент на околности коишто се случуваат и во кои сте се нашле. Во суштина сите овие кризи требаше да нè научат дека на секого во некој момент може да му се случи“, истакнува Дуковска.
Младите статистички се делат на деца и возрасни. До 18 години се во категорија деца, а по 18 одат во друга. Во податоците, објаснува Дуковска, се претопуваат во една група што е дополнителен проблем.
„Ниту потребите на млади од 15 до 29 години им се исти, ниту можеме со исти мерки. Едните се уште во средно, другите веќе веројатно менуваат 15-та работа, ама еве и сите стратегии општо ја генерализираат таа група на млади или воопшто не ја издвојуваат како таква“, подвлекува таа.
Застапеноста на младите во претходната стратегија
Во последниот стратешки план за намалување на сиромаштијата, за младите се поставени неколку целни точки меѓу кои промоција на социјална вклученост, намалување на невработеноста, помош за повисоко ниво на образование и социјално вклучување на невработени млади.
Сепак и покрај планираните мерки, сè уште нема евалуација на оваа рамка за тоа што е исполнето, а што не. Дуковска, како познавач на тематиката вели дека не многу од поставеното е исполнето односно, како што додава, сигурно е помалку од половина.
„Така што многу е важно да биде правилно насочена таа стратегија, на кого се однесува, што точно треба да направи, како ќе се поврзе една со друга политика и затоа е важно да биде стратешки пристапот. Вие може да му давате пари на некој бескрајно ако тој е гладен, или ако е тепан или ако има четири деца, така никогаш нема да му помогнете. Затоа е важно да постојат вакви стратегии и тие да имаат во предвид какви социјални ризици има во општеството со цел да им помогнат“, децидна е Дуковска.
Ангела Бошкоска