Големата порота одлучи да подигне обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп поради давање мито на порно актерката Сторми Дениелс за време на изборите во 2016 година.
Трамп се очекува да биде уапсен следниот вторник, при што му бидат земени отпечатоци од прстите, фотографии и ќе биде изведен пред суд. Се` уште не се знае дали тој ќе носи лисици на рацете при овој процес.
Досега во историјата на САД ниту еден поранешен претседател не бил кривично гонет. Вестите за обвинението се очекува да ја промени трката кај Републиканската партија во изборот на кандидат за претседателските избори во 2024 година, каде Трамп и понатаму води на внатрешните анкети.
„Вечерва го контактиравме адвокатот на Трамп за да го координираме неговото предавање во канцеларијата на јавниот обвинител во Менхетн“, стои во соопштението на обвинителството.
Порно актерката Дениелс тврди дека имала афера со Трамп во 2006 година. Поранешниот претседател ги отфрла ваквите наводи, но има признаено дека наредил преку негови соработници на актерката да ѝ се платат 130.000 долари за да не ги изнесува овие тврдења јавно. Иако самата исплата на парите не се смета за кривично дело, кога Трамп ги префрлал парите на соработниците образложението за плаќањето било дека станува збор за „трошоци за правни услуги“. Според обвинителите ова претставувало фалсификување на финансиските извештаи што е казниво.
Дополнително, обвинителите можат да спорат дека оваа исплата ги крши и изборните закони, бидејќи обидот на Трамп за прикривање на исплатата кон Дениелс биле мотивирани од тоа нивната афера да биде прикриена од гласачите што е многу потешко кривично дело.
„Ова е неговиот (на Трамп) најголем страв. Дека ќе биде фотографиран како криминалец, дека до неговото име ќе има ознака за криминалец. Тоа не е нешто што Трамп го замислуваше за себе“, рекол за Си-Ен-Ен Мајкл Коен, поранешниот адвокат и фиксер на Трамп.
Од Си-Ен-Ен велат дека во обвинението, кое уште не е јавно достапно, се вклучени повеќе од 30 случаи на финансиски измами од страна на Трамп.
По информациите за подигнатото обвинение членовите на Републиканската партија застанаа во одбрана на поранешниот американски претседател, додека од Демократската партија потенцираа дека никој не може да биде над законот.