Во Културно-информативниот центар – Скопје денеска беше отворена интерактивната изложба за млади насловена „Вселена.Човек.Интелигенција“ која Гете институтот во соработка со друштвото Макс Планк ја прикажува ширум светот.
Изложбата ќе може да се посети во изложбениот простор на центарот до 28 април, секој ден од понеделник до петок од 10 до 20 часот и сабота од 10 до 14 часот. Содржината на изложбата е на германски јазик, а достапен е превод на англиски јазик. Влезот е бесплатен
„Изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе? Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција“, соопштија од Гете институтот.
За секоја од наведените теми, како што додаваат оттаму, постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пример компјутерско преобразување морфинг на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со кои може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и слично.
Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.
„На посетителите ќе им биде понудено водење низ изложбата како и забавни задачи за изложбата во времетраење од 60 до 90 минути. За време на изложбата ќе се нудат и презентации на можности за студирање во Германија од страна на Асоцијацијата на кариерни советници, кариерно советување од Германската служба за академска размена и други настани наменети за млади“, додаваат организаторите.