Откако свиреа во Белград, Нови Сад, Зрењанин, Суботица, Будимпешта, Загреб и Љубљана, домашниот рокерол состав „Луфтанза“ заедно со „Харакири“ се враќаат на домашна територија, со што ќе заврши нивната турнеја.
Концертите ќе се одржат на 5 и 6 април во скопското кафе-филм „Котур“ со почеток од 21 часот.
Првиот концерт е веќе распродаден.
„Ако сакате да нè гледате лути, бесни и уживате во туѓите подочњаци, појдете да си земете карта во ‘Котур’ (една е 300 денари)“, велат од „Луфтанза“.
„Луфтанза“ се млад македонски бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика.
„Шест испотени другари кои свират и напорно работат во својата неклиматизирана гаража од почетокот на пандемијата, со 4 албуми под своето име, се спремни да ви ги искорнат ушите“, стои во најавата за настанот.
Бендот „Харакири“, пак, е формиран во 2022 година како трио од Скопје. Членови се Андреј Димовски – гитара и вокал, Марко Печеновиќ – бас и вокал, и Виктор Стојановски – тапани. На 20 албум треба да го објават своето прво издание, од кое веќе излезе спотот за песната „Спротивниот крај“.