Влажните марамчиња што содржат пластика ќе бидат забранети за употреба во Англија со цел да го намали загадувањето на водите, изјавила министерката за животна средина Тереза Кофи.
Оваа одлука треба да стапи во сила од следната година по одржување на следна консултација. Таа е дел од поширокиот план за подобрување на квалитетот на водите во Англија каде ниту една река или друга водена површина не се смета за чиста.
Податоците на „Water UK“ покажуваат дека влажните марамчиња што се исфрлаат во тоалетите предизвикуваат 93% од блокадите на канализацијата и чинат околу 100 милиони фунти за да се расчистат.
Во 2021 година речиси 90% од мрамчињата содржеле пластика, иако во моментов постојат и други алтернативи што може да се купат. Пластиката не се распаѓа и со текот на времето марамчињата се заглавуваат и се лепат што го отежнува движењето на канализацијата низ цевките.
Сепак, опозицијата и еколошките групи го критикуваат планот како слаб потег.
„Нашиот предлог е да се забрани пластиката во влажните марамчиња. Ова е законско барање за да се осигураме дека можеме да продолжиме со било каква понатамошна забрана на ова поле“, изјавила Кофи.
Владата на Обединетото Кралство во 2018 година соопшти дека планира да го елиминира пластичниот отпад вклучувајќи ги и влажните марамчиња. Во 2021 година се одржаа консултации по што 96% од луѓето изјавија дека ја поддржуваат идејата. Сепак претходно годинава поодржување на уште една консултативна средба, Владата одлучи против забранување на влажните марамчиња.