Социјално културниот центар во Тетово (СКЦ Тетово) или познат како „Space Tetovo“ од минатиот месец е на нова локација во центарот на градот. Преселбата се случи откако лани дојде до недоразбирања со градските власти за претходниот објект кога беа принудени да го ослободат долги години запуштениот простор во сопственост на Општината што го средиле самоиницијативно. „Спејсери“ сега во новото катче продолжуваат во полна пареа да работат на нови креативи со цел, како што велат, да го шират концептот на дружење, култура и активизам што ќе им биде достапен на сите, а пред сè на младите во градот.
Радио МОФ разговараше со дел од тимот волонтери кои сега го одржуваат местото. Им бевме во посета, на кафе-дружба во дворче – нешто што им недостасуваше на минатата локација, а притоа имавме можност да видиме и како го средиле местото. Се работело за процес на едномесечна селидба на музичка опрема, мебел, нивни алишта, и разни работи за да се донесе енергијата на „Space“.
„Внатре сè сами направивме – ѕидовите ги обоивме со бела боја, го средивме ламинатот во некои од собите, а и таванот со жици ја што имаше потреба. Целиот месец работевме технички работи. Но добро е, уште малку и кујната ‘ќе ја отвориме’“, раскажува Редон Роби, волонтер кој е дел од Центарот уште од самиот почеток.
Куќата моментално располага со работен простор – место каде некој може да дојде и да работа на интернет, слично како некогашните интернет-кафулиња за симболична сума на пари што подоцна ќе се вложат во центарот. Има соба за свирки, а има и дел од музичка опрема, всушност место каде пред некоја недела, на официјалното отворање свиреше и скопскиот бенд „Перија“. Тука е и кујната каде што наидовме на ретро флипери со стари видео игри што самите го конструирале. Во куќата има и глува соба за снимање музика, а пред да почнеме со разговорот Редон ја вклучи антената со што се поврза на нивната фреквенција на „Radio Space Tetova“.
Како што вели Редон, се трудат да одржат концепт на хоризонтално раководење на „Space“, никој не му е надреден никому, нема нешто како директор или шеф.
„Здружението е нормално регистрирано во Централен регистар и таму е наведено сè што бара законот – претседател и пет членови, но внатре ние не работиме по тој принцип, туку на база на гласови – колку пати ќе присуствуваш на состанок, толку повеќе ќе имаш право подоцна да побараш нешто. Како тим ги земаме сите работи во предвид, одлучуваме кој ќе прави што, сè правиме заедно и кај нас нема хиерархија. Ни треба уште време да нè препознаат за да сфатат и како функционираме, но ќе биде“, оптимист е тој.
Инаку Центарот сега за сега работи секој работен ден од 10 до 22 часот. Прва смена е најчесто Кути кој во моментот беше таму и ни се придружи во разговорот. Тој вели дека иако на прв поглед не се гледа интерес кај младите за да доаѓаат таму, во пракса е поинаку.
„Секој ден се случува да дојде по некој нов. Јас сум тука секој ден од 10 до 6 и минимум има по 3-4 нови луѓе кои доаѓаат за првпат, настрана од редовните спејсери. Еве во ‘новиот’ Спејс има нови 7 или 8 волонтери што доаѓаат редовно и помагаат со сè“, раскажа Кути.
Спејсери објаснуваат дека разликата во работата на овој социо-културен простор со другите здруженија за млади е во тоа што е отворен за сите. Не е потребно, велат тие, да се има посебна идеја, може да се намине на дружба, на разговор од кој подоцна доаѓаат идеи и настануваат заеднички проекти.
„Факт е дека во Тетово имаме само една уметничка галерија и таму одат само студентите по уметност или професионални уметници. Кај нас нема место наменето за култура и нема простор каде може да доаѓаат луѓе од 18 па сè до 50 години. Не постои место за развивање на алтернативната култура. Тетово нема ниту едно такво место. Тука нема безбедно место, безбеден простор за луѓето со различни позадини. Имаме еден дом на култура, но таму има толку долги бирократски процедури што ќе ти треба еден месец преговори за да го најмиш просторот за еднодневна изложба“, вели Кути.
Интересно е и што во тимот на редовно активни волонтери, кои во моментов се 30 на број има луѓе од разни професии. Редон е аудио инженер, Кути се бави со видео-монтажа, а Фло, кој дојде нешто подоцна е градежен инженер.
„Ако не можеме да помогнеме со простор, може да помогнеме со пренесување на она што го знаеме ние, односно за реализирање на одреден проект/идеја/замисла“, посочува Редон.
Според нив место како „Space“ е важно да се одржува во општествена средина како што е Тетово. Општина во која, укажуваат тие, нема кино-сала, нема парк, или јавен простор каде младите можат да се дружат, а нема и поттик за развивање на алтернативна култура.
„Во последно време културата во Тетово доживува регресија. Општеството ни станува поконзервативно и тоа не само на етничка основа, туку на сите страни. Немаме ниту соодветни кафулиња или дискотеки каде луѓето може да излегуваат“, смета Кути.
„Вакви места ни се потребни за да промовираме инклузивност. Го употребувам зборов за да доловам дека тука е секој добредојден, без разлика дали е маргинализиран, етнички Албанец или Македонец, ако сака, може да дојде и цел ден да си остане тука, нека прави нешто. Се обидуваме да овозможиме барем импровизирани простори за она што му недостига на градот“, се надоврзува Редон.
Велат дека голем дел од нивната мисија е насочена и кон создавање на простор за музика и подобрување на ноќниот живот во градот.
„Од мај планираме да се активираме секоја недела. Во претходниот објект имавме проблеми и со комшиите и просторот ни беше само затворен, но сега имаме двор. Се разбира нема да правиме голема бучава, важно ќе има нешто. Сепак тешко е да донесеш цел бенд тука. Целиме кон тоа да понудиме и нешто друго освен диџеи, но ќе видиме што може да се направи. Тоа е уште една причина зошто треба да се создава музика тука. Затоа имаме и инструменти, го нудиме просторот и за вежбање. Ироничен е фактот што повеќето поранешни бендови во Тетово згаснале поради тоа што немаше каде да се настапува, вежба, а и публиката се одвикна од тоа. Ако има вакви места ќе има и повеќе бендови, уметници, активисти“, забележува Редон.
Кути претходно водел и работилница за џемање музика, „Jamming sessions“ што ја посетувале повеќе луѓе. Ни раскажа дека заедно вежбале и правеле семплови музика.
„Еве и сега има еден волонтер што секој ден доаѓа да учи бас гитара. Му помагам колку што можам, ама убаво е што си доаѓа секој ден – го влече да дојде и да свири“, се смее Кути.
И во претходниот или како што тие милуваат да си го наречат „Space 01“ во соработка со други организации или поединци редовно се одржувале изложби, разни работилници „Ден за цртање“, кино проекции на филмови, средби на клуб за читање книги, а сето тоа веќе е договорено да продолжи и во „Space 02“.
„Се најави и наставничка што ќе дојде со помлади ученици да одржи час надвор од формалното образование. Ќе разговараат на табу теми на коишто младите треба да зборуваат, а не можат на училиште“, вели Редон.
Спејсери се на ставот дека ова не би требало да е „нивно“ место туку простор што ќе го одржуваат генерации понатаму и кој ќе им припаѓа на сите.
„Истовремено тука мора да има удел и општината. Тоа ни е цел. Сега ќе почнеме повторно кампања, треба да одржиме средба и со Министерството за култура и со сите институции што би можеле да ни помогнат во оваа наша идеја“, објасни Кути.
Според Фло младите се оние кои треба да ги менуваат нештата, а тоа значи да се менуваат луѓето што ќе работат на одржување на овој Центар.
„Знаеш лесно е да се откажеш од сè и да си заминеш во странство. Но, интересното е да градиш нешто од нула, да започнеш нешто што ќе остане за понатаму“, смета тој.
Велат дека веќе немаат проблеми со Општина Тетово, бидејќи сега се во приватно и на свое, но сепак не ја исклучуваат можноста повторно да дојде до непријатности.
„Сепак кога си на прав пат, не може да се случи нешто лошо. Ние ништо не криеме од никого. Тука сме, тие сме, отворени за сите. Сакаме да привлечеме што повеќе луѓе, што повеќе проекти. Луѓе требаат секогаш“, поентира Редон.
Следно за нив е волонтерско патување во Подгорица, Црна Гора каде треба да учествуваат во создавање на сличен социо-културен центар. Тоа е дел од соработката со „Toestand“ – иницијатива што се залага за реновирање на запуштени урбани простори кои цели да ги претвори во социо-културни центри и со чија помош е формиран и „Space Tetovo“.
Ангела Бошкоска