При контролата во Куманово беа пронајдени и привремено одземени 1.369 музички винил плочи (албуми) и 30 компакт дискови со музичка содржина, изложени за продажба од страна на странски државјани. Одземената стока ќе биде предадена на Агенцијата за управување со одземен имот за понатамошно постапување – продажба преку јавно наддавање или отстапување на стоката соодветно, по утврдување дали стоката има посебна, научна или уметничка вредност, велат од Царинската управа за Радио МОФ, откако странски колекционери останаа без своите плочи на Берзата на винили во Куманово.
Третиот официјален саем на стари грамофонски плочи се одржуваше во неделата, а од Царинската управа посочуваат дека нивни инспектори извршиле контрола на објектот во Куманово, откако претходно имало „пријава за нелегална трговија со музички плочи и компакт дискови“.
„Лицата не поседуваа документација за стоката и за истата не била спроведена соодветната царинска постапка. Против петте лица – странски државјани се поднесени прекшочни пријави согласно член 263 став 1 точка 8 од Царинскиот закон и им е изречена предвидената законска казна – глоба за сторен царински прекршок“, велат од Царинска управа.
Случајот предизвика реакции во јавноста и на социјалните мрежи, особено меѓу колекционерите и посетителите на вакви културни манифестации.
Тошо Филиповски, музички новинар и долгогодишен хроничар на рокенрол културата, праша дали љубителите на слушање и колекционирање музика на винили се криминалците во оваа држава кои треба да бидат уловени, уништени, за да „процвета“ државата?
„Ме/нè засрамивте пред стотици луѓе, пред гостите што редовно ги каниме да доаѓаат и кои доаѓаат затоа што низ годините се докажавме дека сме добри домаќини, и дека сакаме да се дружиме, затоа што така ни е полесно, во нашиот свет на винили, не потпаѓајќи на вашето влијание на тмурно секојдневие. Нè засрамивте како народ, како група луѓе, колекционери, нè засрамивте пред цел Отворен Балкан“, напиша Филиповски на Фејсбук.
Од Boiling Point, дел од организација на настанот, преку социјалните мрежи потенцираа дека Берзата е од интернационален карактер и на неа доаѓаат гости од страна како учесници, но и како гости. Оваа година требаше да имаат околу 20 дилери и издавачи од Македонија, Србија и Црна Гора. Запленувањето го окарактеризираа како организирана хајка.
„Во организирана хајка, која е почната неколку дена предходно се собирани информации, планиран е начинот на кој што ќе биде реазлизирано запленувањето и други работи. Во кратки црти, настанот е истретиран како криминално дувло и сите дистрибутери како криминалци кои продаваат нелегални работи. Берзата се одржа каква-таква, половично, со дистрибутерите од А страната на плочата како што беа најавени на постерот (македонските дистрибутери и издавачи), но очајот кој го чувствуваме, демотивацијата за организирање на вакви настани, како и третманот што го имавме од институциите сериозно влијае врз вољата и желбата да креираме подобра околина околу нас“, реагираа од Boiling Point.
Бојан Шашевски