Кинеската социјална мрежа ТикТок е казнета со 12.7 милиони фунти во Велика Британија затоа што не ја заштитила приватноста на децата.
Британската служба за заштита на податоци процени дека ТикТок дозволил околу 1.4 милиони лица под 13 години во Велика Британија да ја користат социјалната мрежа во 2020 година.
Апликацијата за споделување видеа користела податоци за деца на таа возраст без согласност од родителите, покажа истрагата на Канцеларијата на комесарот за информации.
ТикТок објави дека вложил големи напори за да го спречи пристапот до мрежата на лица помлади од 13 години. Сепак, од Канцеларијата тврдат дека многумина можеле да пристапат до мрежата и покрај минималната возраст на ТикТок од 13 години за да се отвори сметка.
Оценето е дека податоците на децата кои ја користат мрежата можеби биле користени за следење и профилирање и потенцијално прикажување штетна или несоодветна содржина.
„Постојат закони кои гарантираат дека нашите деца се безбедни во дигиталниот свет како што се во физичкиот свет. ТикТок не се придржуваше до тие закони“, рече комесарот за информации Џон Едвардс.
Се проценува дека, како резултат на избегнување на тие закони, на повеќе од еден милион деца под 13 години им бил овозможен несоодветен пристап до платформата, при што ТикТок ги собирал и користел нивните лични податоци.
Едвардс изјави дека ТикТок „не презел никакви чекори“ за да добие родителска согласност.
Портпаролот на ТикТок изјави дека безбедносниот тим на компанијата од 40.000 лица работи „деноноќно за да помогне платформата да биде безбедна за заедницата“.