#РаскажиМи: „Тринастега“ од Анастасија Марковска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Тринастега“ од Анастасија Марковска. Расказот го освои второто место на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.

Конкурсот беше за прв пат беше распишан во 2022 година, а во 2023  објавени беа добитниците на трите наградени раскази, како и три млади автори кои добија пофалба. Во следниот период, преку #РаскажиМи, ќе ги објавиме пофалените и наградените раскази.

Тринастега

Рита стоеше потпрена на оградата од терасата, отсутно гледајќи во далечината. Навистина, тоа не беше ни вистинска далечина – луксуз е да се сретне далечина во метропола удавена од бетонот. Рита го делеше овој став. Секое утро се нервираше што до работа ја дружеа стаорците од пропаднатото метро. Уште повеќе се нервираше кога ќе ја видеше огромната реклама за најновиот модел на електричен автомобил. Кога и да поминеше покрај мегаломанскиот постер од отелотворението на лажниот светоспасувач си помислуваше колку попаметно би било тие пари да се инвестираат во обновување на јавниот превоз. Штета што возот не може да се паркира во гаража, веднаш до „бентлито“.

– „Ти недостига уште цигара и беретка“, ѝ се обрати Нико, полуколебливо.

– „Молам?“ збунето му се сврте Рита.

– „Реков, ти недостига уште цигара и беретка. Знаеш, за да изгледаш како дел од кадар на Годар.“

– „Аха. Или можеби ми недостига сина коса за да се поклопам со несфатената девојка на којашто ѝ здодеала толпата внатре.“

– „Извини, се обидов да бидам смешен. Ни мене не ми се допаѓаат тие изветреани архетипи. Нико, мило ми е.“

– „Рита. И мене ми е мило, Нико, машки феминисту.“

Обајцата се поднасмеаја – Рита затоа што Нико ја стиши претенциозноста, Нико затоа што Рита не замина внатре.

– „Рита по Рита Хејворт?“

– „Ако се лажеме. Татко ми до ден-денес ме убедува дека е поради Хејворт, иако сум убедена дека е по баба ми Маргарита. Не ми признава затоа што Маргарита ги оставила за љубовникот…“

– „Се надевам дека не жали што те крстиле така.“

–  „Не ме крстиле. Ме именувале.“

– „Така, така. Се извинувам за претпоставката.“

– „А, ти? Нико по…“ не можеше да се сети на ниеден познат Нико.

Нико се насмеа уште еднаш. „Нико по желбата на татко ми секогаш да сум победник.“

– „Големи проекции ни направиле татковците.“

– „Да не навлегуваме во психоанализа уште отсега, да не ме исплашиш. Инаку, зошто не си внатре?“

– „За да избегнам конфликт со колега од работа.“

Нико ги поткрена веѓите.

– „Сака да го прикаже својот ненадминлив интелект со тоа што ми ја омаловажува прагматичноста. Нели, во физиката не смее да има приземјени ставови.“

– „А, значи, ти си физичарка.“

– „Па, на тој пат сум. Иако сè почесто се прашувам дали ме прелажала сликата за прекрасните достигнувања на најбрилијантните умови. Не ме сфаќај погрешно, не дека не ми е интересно, само, не знам… Понекогаш чувствувам дека поголем труд вложувам во справувањето со колегијалните ега отколку со обработувањето податоци, колку и да не сакам да биде така.“

– „Баш ми е жал што се чувствуваш така. Може ли да те прашам за каква прагматичност станува збор?“

Како да зажали што воопшто ја спомена препирката, Рита ја сви устата надолу.

– „Едноставно, мислам дека некои појави не се опишуваат со физички закони и дека нема експеримент со кој соодветно би ги истражиле. Всушност, тоа не е делот што најмногу му пречи на Доријан.“

– „Доријан славеникот?“

– „Тој.“

Нико се засмеа. „Прашај го каде го крие црвливиот портрет.“

Рита ја заниша главата лево-десно. „Не пропушташ можност да ми ја докажеш културната издигнатост. Како и да е. Му пречи тоа што тврдам дека нема потреба од ментална гимнастика за да ни биде објаснето сè. Колку и да е занимлив теоретскиот дел од физиката – не знам, природата на времето, на пример – имаме поитни проблеми кон кои, како стручњаци, можеме да придонесеме.“

– „Значи, ти не сакаш да знаеш дали зад црната дупка има паралелен универзум.“

– „Па, не би ми пречело да знам. Само, ако одбирам дали грантот ќе го доделам на тимот што ги истражува црните дупки или на тимот што наоѓа замени за нафтата, би го избрала вториот.“

– „Навистина си прагматична, Рита. Се гледа дека те именувале, а не те крстиле.“

– „Е баш си вицкаст. Можеби е ред да те запознаеме и тебе, да не бидеме толку Рита-центрични. Што работиш ти?“

Нико се загледа во небото. Можноста Рита да ја смета неговата професија за непрагматична го премислуваше од давањето одговор.

– „Нико, тука ли си?“ Рита му мавна со рацете пред лицето.

– „Ммм… јас сум палеонтолог. Знам, многу непрагматично.“

Рита се закикоти. „Навистина. Среќа што не добивате значајни средства, инаку ќе те вклучев и тебе во мојот аргумент. Извини, не ми беше намерата да омаловажувам научни полиња.“

– „Не се секирај. И татко ми се согласува со тебе – повеќе би сакал да работам нешто со позначајно влијание – изгледа не му успеало манифестирањето со моето име.“

– „Жал ми е што се чувствуваш така. Ама ако ти си задоволен со изборот, што има да нè слушаш стерилните нас.“

Часот наближуваше кон два по полноќ.

– „Јас би требало да си одам“, соопшти Рита. „Се надевам дека ќе имаш убав остаток од вечерта.“

– „Се надевам и јас. Ми беше мило што те запознав.“

Поминаа неколку недели од малиот разговор помеѓу Рита и Нико. Ниту таа, ниту тој не се наврати на него. Впрочем, немаше ни зошто. Не е дека средбата поседуваше потенцијал за почеток на романтична комедија, ниту дека некој кажал нешто што значително го сменило животниот пат на другиот. Немаше ни некоја особена интеракција: Рита ја искористи можноста за да се жали од напорниот Доријан; Нико го спомена татко му – иако потоа се чудеше зошто го направи тоа.

Поминаа уште неколку месеци од интеракцијата. Едно утро, додека рутински го проверуваше своето е-сандаче, Нико наиде на порака од Рита.

Здраво Нико,

Прво, да не мислиш дека те демнам. Го прашав Доријан за твоето презиме и така ја најдов твојата е-адреса. Сакав да споделам еден сон со тебе. Сонував дека сум животинче кое се подготвува за хибернација. Не знам точно како изгледав, затоа што, нели, немав огледало во сонот, ама дефинитивно не бев човек, затоа што, нели, се подготвував за хибернација. Одеднаш, во мојата дупка влезе едно друго животинче, кое прво личеше на мал крокодил и второ – и со ова никако не сакам да те навредам – потсетуваше на тебе. Штом те видов, инстинктот ми поткажа дека треба да те избркам, ама во исто време попривлечен ми беше долгиот зимски сон, па решив да те примам во моето засолниште.

Толку. Повторувам, не те демнам, но се разбудив со пријатно чувство, па затоа го споделувам сончето со тебе.

Поздрав,
Рита“

Нико широко се насмеа. Немаше помислено на Рита ниту еднаш по роденденот, а сепак се израдува на примената порака. Ја отвори апликацијата за потсетници во телефонот, си запиша „Врати ѝ на Рита“ и го постави часот за осум навечер, затоа што го чекаше напорен ден.

На неговото биро имаше необјавена верзија на труд од друг палеонтолог што Нико требаше да го рецензира. Го прочита апстрактот. Се работеше за нова ископина на фосили на тринаксодон и бруминстега, првото слично на денешните цицачи, а второто изумрен вид на водоземец. Хипотезата предлагаше необичен случај на симбиоза помеѓу двете животни. Се зачуди. Очигледна беше сличноста на фосилите со сонот на Рита, но не беше можно таа да слушнала за откритието.

Нико зажали што не беа вложени доволно средства во истражувањето на можноста за паралелни универзуми.