Од Културно-социјалниот простор Центар-Јадро ги покануваат граѓаните да се придружат, да ги проследат и да станат дел од нивните социјално ангажирани перформативни уметнички акции. Настанот ќе се одржи утре (9 април) во нивните простории со почеток од 17 часот.
Овие перформанси произлегле од процесот на размена и надоградба на знаењата и вештините во областа на партиципативниот театар и ќе бидат изведени за поширока публика, велат од Центар-Јадро.
„Во рамки на новиот проект ‘Arts Hub’ на Културно-социјалниот простор Центар-Јадро реализиравме 6-дневна интензивна работилница за применет и партиципативен театар. Во работилницата учествуваа креативци од различни профили: терапевти, професионални актери, психолози, социјални работници, танчери и учители по танц, готвач, студенти итн. Избраните 12 учесници, под водство на искусните ментори – Јелена Вуксановиќ (писателка и сценаристка и театарски едукатор од Белград, Србија), Алесандро Ола (композитор и sound-artist, професор по композиција, електронска музика и звучен пејзаж, изведувачки уметник од Барселона, Шпанија) и Демир Мекиќ (социолог, форум-театар џокер и тренер од Белград, Србија), за време на работилницата кратки, експериментални форми на социјално ангажирани перформативни уметнички акции“, се посочува во најавата за настанот.
„Нашата цел со организирање на една ваква работилницата беше да поттикнеме еден креативен процес кај учесниците, кој вклучува потрага по наратив значаен за овдешниот социо-политички контекст и со користење на техниките на театарот на угнетените, учесниците да добијат прилика да го испробуваат алтернативниот непосреден простор како театарски простор, да креираат мултимедијален сценски текст, по што ќе бидат спремни да создаваат своја ангажирана форма на театар“, додаваат од Центар-Јадро.
Работилницата за применет и партиципативен театар е дел од проектот ‘Arts Hub’ на Центар-Јадро, кој се реализира со финансиска поддршка на Фондација Отворено oпштество-Македонија.