Во денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ) на 8 април (сабота) од 21 часот ќе се одржи концертна промоција на „Најголемите хитови“ на „ПМГ Колектив“, овој пат во проширена форма.
„’ПМГ Колектив’ е веројатно најпродуктивниот македонски музички состав од почетокот на овој век. Девет студиски албуми, четири компилации, неколку пати музика за филм и театар, неброено синглови, ремикси, обработки. Импозантна дискографија која деновиве е збогатена со двојното винил издание под име ‘Најголемите Хитови’, кое може да се набави и дигитално на нивната Бендкемп страна на интернет“, соопштува издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“.
Како што пишува издавачот, токму една од главните карактеристики на „ПМГ Колектив“ е способноста да напишат песна која ќе го задржи и насочи вниманието на публиката.
„Тоа се тие хитови: Скопјанка, Манекенки, 80Ти, 90Ти, Ти си мојот Свет, Луѓе од Градови… само некои од песните кои маѓепсаа неколку генерации и неповратно се втиснаа во современиот урбан скопски (и македонски) фолклор“, потенцира издавачот.
Од таму посочуваат дека деновиве излезе и најновата верзија на темата „Скопјанка“, дваесет години откако прв пат беше објавена.
„Промотивниот концерт, со кој достојно ќе го одбележи ова капитално остварување, бендот ќе го отсвири во проширена форма и вистинска современа музичка атракција, под името ПМГ Колектив Оркестар: Синиша Евтимов – гитара, Александар Гавровски – бас, Мирко Попов – вокал/машина, Владан Дробицки – тромбон, Марија Каева – вокал/синтисајзер, Дино Милосављевиќ – тапани, Васко Бојаџиски – саксофон, Павел Дробицки – бас. Вистински музички дрим тим кој гарантира врвно музичко искуство“, стои во соопштението на „ПМГ Рекордингс“.
Атмосферата ќе ја загрее дебитантот на македонската музичка сцена, Аудиоцигла.
Вратите ќе бидат отворени точно во 21 часот. Билетите можат да се набават на билетарата на МКЦ, по цена 400 денари.