На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. Три години Закон за млади – функционира, ама не функционира
Не е формирано. Не функционира. Не е реализирано. Доцни. Нема заинтересираност…
Ова беа најчестите зборови кои неодамна се слушаа на собраниската дискусија за младинските политики, која доминантно се однесуваше на имплементирањето и недостатоците на Законот за младинско учество (Закон за млади) кој беше донесен на почетокот на 2020 година.
Целта на законот беше да се зајакне младинското учество, да се засили влијанието на младите врз политиките од нивен интерес и да се воспостават повеќе сервиси на локално и национално ниво кое ќе помогне во нивниот активизам и социјален развој. Но, повеќе од три години подоцна имплементацијата на законот е со огромни проблеми, а беа прекршени законските рокови за речиси сите тела кои требаше да се формираат.
2. [Интервју] „Space Tetovo“: Лесно е да се побегне во странство, но поубаво е културата да се гради тука
Социјално културниот центар во Тетово (СКЦ Тетово) или познат како „Space Tetovo“ од минатиот месец е на нова локација во центарот на градот. Преселбата се случи откако лани дојде до недоразбирања со градските власти за претходниот објект кога беа принудени да го ослободат долги години запуштениот простор во сопственост на Општината што го средиле самоиницијативно. „Спејсери“ сега во новото катче продолжуваат во полна пареа да работат на нови креативи со цел, како што велат, да го шират концептот на дружење, култура и активизам што ќе им биде достапен на сите, а пред сè на младите во градот.
Радио МОФ разговараше со дел од тимот волонтери кои сега го одржуваат местото. Им бевме во посета, на кафе-дружба во дворче – нешто што им недостасуваше на минатата локација, а притоа имавме можност да видиме и како го средиле местото. Се работело за процес на едномесечна селидба на музичка опрема, мебел, нивни алишта, и разни работи за да се донесе енергијата на „Space“.
3. Одземените 1.369 плочи и 30 дискови ќе бидат предмет на јавно наддавање или отстапување, велат од Царина по случајот во Куманово
При контролата во Куманово беа пронајдени и привремено одземени 1.369 музички винил плочи (албуми) и 30 компакт дискови со музичка содржина, изложени за продажба од страна на странски државјани. Одземената стока ќе биде предадена на Агенцијата за управување со одземен имот за понатамошно постапување – продажба преку јавно наддавање или отстапување на стоката соодветно, по утврдување дали стоката има посебна, научна или уметничка вредност, велат од Царинската управа за Радио МОФ, откако странски колекционери останаа без своите плочи на Берзата на винили во Куманово.
Третиот официјален саем на стари грамофонски плочи се одржуваше на 2 април, а од Царинската управа посочуваат дека нивни инспектори извршиле контрола на објектот во Куманово, откако претходно имало „пријава за нелегална трговија со музички плочи и компакт дискови“.
4. Бројот на ученици во македонските училишта во слободен пад [Инфографик]
На почетокот на оваа учебна година во македонските редовни училишта се запишале 185.099 основци и 69.227 илјади средношколци, информираше Државниот завод за статистика.
Тоа значи дека за две децении во основните училишта има речиси 47 илјади ученици помалку, а во средните училишта речиси 27 илјади помалку средношколци. Во проценти, во споредба со пред 20 години, оваа година има 20% помалку основци и 28% помалку средношколци.
Бројот на ученици во македонските училишта во слободен пад [Инфографик]
5. 10 игри што ќе излезат во април
Веќе објавивме дека гејмерската заедница ја очекува прилично плодна година, особено по пандемискиот период кога имаше благ застој во развојот на разни изданија, па некои игри беа пролонгирани токму за 2023.
Годинава веќе донесе наслови како „Forspoken“, римејкот на „Dead Space“, долгоочекуваната „Hogwarts Legacy“, потоа „Atomic Heart“, „Sons of the Forest“, „Wo Long“… а сега Радио МОФ направи листа на 10 видеоигри кои своја премиера имаат токму овој месец.
БОНУС:
#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Тамара Прелоговска
Овој пат во нашата фото-рубрика ви го претставуваме објективот на Тамара Прелоговска.
#ПетАлбумиЗаПоДома на Марина Савеска
Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома ја имаме Марина Савеска, хедонист за музика и храна.
[Видео] #Инста(нт) вести 3.6
Погледнете ги најновите #Инста(нт) вести
#РаскажиМи: „Тринастега“ од Анастасија Марковска
Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Тринастега“ од Анастасија Марковска. Расказот го освои второто место на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.